Пожарот бил подметнат во атарот на селото Василево
Полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Е.А. (42) од село Василево, Струмичко. Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, тој е осомничен дека на 20 септември околу 12 часот подметнал пожар на местото викано Џидет, во атар на селото Василево.
„Во пожарот била зафатена нива со сува вегетација. Од страна на Територијалната противпожарна единица Струмица пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид на местото извршиле увидна екипа на СВР Струмица и инспектор за пожари. Лицето е задржано во полициската станица Струмица и за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица“,
соопшти МВР.
Од МВР додаваат дека по целосно документирање на случајот против Е.А. ќе биде поднесена соодветна пријава.