Оваа реалност е резултат на блокирачките политики, неспособноста и недостатокот на искрена волја од актуелната влада, која дури ни во план не ги има уставните измени што би го деблокирале евроинтеграцискиот процес на земјата. ВРЕДИ излажа пред изборите, кога тврдеше дека нема влада без уставни измени, вели Адеми
Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за очигледните застои во процесот на преговори за членство во Европската Унија, кои јасно се одразуваат во споредбените извештаи на земјите од регионот, вели потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми. На денешната прес-конференција Адеми посочи дека Црна Гора има затворено неколку поглавја од преговорите, Албанија е во напредна фаза со поголемиот дел од отворените поглавја, додека Северна Македонија останува блокирана без отворени или затворени поглавја, и покрај, како што рече, напорите и реформите направени со години.
„Оваа реалност е резултат на блокирачките политики, неспособноста и недостатокот на искрена волја од актуелната влада, која дури ни во план не ги има уставните измени што би го деблокирале евроинтеграцискиот процес на земјата. ВРЕДИ излажа пред изборите кога тврдеше дека ‘нема влада без уставни измени’. Повторно излажа кога вети дека за три месеци, потоа шест месеци, а подоцна и за една година – ќе се случат измените или ќе го преиспита учеството во владата. И да ги избркаат низ врата, тие се враќаат низ прозорец во владата што го донесе проектот ’Српски свет’ раширен во Македонија“,
кажа Адеми.

Според Адеми, оваа состојба директно ја загрозува европската перспектива на земјата и аспирациите на граѓаните, особено на младите кои ја сонуваат својата иднина во европското семејство.
„Дополнително, непостигнувањето напредок на нашата земја кон членство во ЕУ значи и нарушување и непочитување на самиот Охридски мировен договор. ДУИ бара итно забрзување на чекорите кон отворање на преговарачките поглавја, отстранување на опструктивните политики и искренo и транспарентнo ангажирање во функција на реализацијата на стратешката цел на земјата – полноправно членство во Европската Унија. ДУИ секогаш ќе биде на страната на граѓаните и на европската иднина на Северна Македонија, како единствен пат што гарантира стабилност, безбедност и развој за сите“,
додаде Адеми.