„Ќе го претвориме Вардариште од депонија во зелена оаза. Ќе ја создадеме градската шума во Расадник. Ќе подигнеме нов парк кај реката Лепенец и уште еден долж булеварот ‘Христијан Тодоровски-Карпош’. Ќе создадеме најмалку 50 мали маалски паркови низ сите населби“, рече тој
Во првите 72 часа од мандатот почнуваме со генералка на Скопје, најави денеска кандидатот за градоначалник на главниот град на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Орце Ѓорѓиевски, на промотивниот настан што денеска се одржа во Музејот на современата уметност под мотото „Прво човек, потоа градоначалник“.

„Ќе ги мобилизираме сите јавни претпријатија, компаниите, невладините организации и секој од вас што го сака овој град, да го исчистиме секое ќоше. Да покажеме дека грижата за заедничкиот дом почнува од прагот“,
рече тој.
Според него, тоа ќе биде само почетокот, оти ќе продолжи со реализација на четиригодишната програма „Град без депонии“.
„Со дронови, дигитален надзор и фабрика за рециклажа, ќе ставиме крај на дивите депонии. Ќе воведеме и екобригади што 24/7 ќе се грижат за јавната хигиена, а централното градско подрачје и булеварите секојдневно ќе се мијат со вода под притисок“,
кажа Ѓорѓиевски.
Покрај тоа, додаде дека ќе се вложи и за борба за почист воздух во Скопје. Најави масовно пошумување на градот, но, како што вели, водено од науката.
„Ќе создадеме нови зелени коридори, четири нови големи паркови. Ќе го претвориме Вардариште од депонија во зелена оаза. Ќе ја создадеме градската шума во Расадник. Ќе подигнеме нов парк кај реката Лепенец и уште еден долж булеварот ‘Христијан Тодоровски-Карпош’. Ќе создадеме најмалку 50 мали маалски паркови низ сите населби“,
вели тој.
Со проектот „Жив Вардар“ најави заштита и ревитализација на реката, чистење на коритото и современ кеј од Ѓорче Петров до Горно Лисиче, со пешачки и велосипедски патеки.
Ѓорѓиевски најави и интегриран јавен превоз, еколошки автобуси, целосно реновирање на Универзалната сала и киното „Милениум“.
Според него, најдоброто за Скопје допрва доаѓа.
„Пред нас е нова страница на создавање вредности. Скопје мора да биде град во кој сите ќе живеат убаво. Ова не е само моја патека, туку на сите нас. Стојам пред вас, не како политичар, туку како човек кој нема да гледа на мандатот како на личен успех, туку како на обврска кон граѓаните“,
вели кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаде дека Скопје мора да биде достоинствен дом за сите граѓани.
„Скопје е нашиот заеднички дом. Време е да го средиме. Време е да работиме. Јас сум подготвен да работам. Ви подавам рака на сите вас, без разлика на националната припадност, партија или вера. Затоа што Скопје е на сите нас“,
рече тој.
На крајот од излагањето, Ѓорѓиевски рече дека не бара доверба заради политичка победа, туку бара доверба заради граѓаните. Тоа, додаде, нема да биде само негова победа, туку заедничка, на сите скопјани.