Колева рече дека негрижата на полицијата на Тошковски и Центарот за социјална работа, кои, според неа, не ја завршиле својата работа, дозволиле насилството да ескалира со убиство

Двојното убиство во Велес претставува страшна трагедија, а уште пострашно е што животите можеле да бидат спасени, истакна Даниела Колева, претседателката на Форум на жени при СДСМ, на денешната прес-конференција.
Таа смета дека овој случај е јасен доказ за системски колапс и институционална незаинтересираност од страна на ВМРО-ДПМНЕ кон граѓаните и заштитата на жртвите на семејно насилство.
Колева рече дека негрижата на полицијата на Тошковски и Центарот за социјална работа, кои, според неа, не ја завршиле својата работа, дозволиле насилството да ескалира со убиство.
Росица повеќепати барала помош – кога била тепана, кога добивала закани, и откако ѝ била запалена колата, но, како што рече Колева, никој ништо не презел.
„Полицијата на Тошковски била алармирана со над 70 пријави за закани, физички напади, палење на возило и кражба. Но, со прст не мрднале. Не издале забрана за приближување, не спровеле постапка, не обезбедиле заштитни мерки. Ништо. Тоа е пропуст кој денес значи два загубени животи“,
нагласи Колева додавајќи дека одговорноста мора да почне од раководните лица на СВР Велес.
Од Центарот за социјална работа, пак, не била понудена никаква помош на жртвата, не била спроведена проценка на ризик ниту пак била сместена во безбедна куќа.
„Ја оставиле сама и незаштитена, иако опасноста била очигледна. Насилникoт не бил третиран како високоризично лице иако заканите биле повторувани и сериозни“,
додаде Колева.
Според неа, ова е суровата реалност во Македонија денеска со ВМРО-ДПМНЕ, каде што институциите што треба да ги штитат граѓаните, жените, потфрлиле.
„Нивното молчење, инертност и некоординираност ја чинеа Македонија уште еден фемицид. Оваа трагедија е институционален срам и мора да има одговорност“,
порача Колева.
Колева рече оти бараат итна ревизија на случајот, одговорност и санкции за сите службеници кои не постапиле соодветно.
Триесет и едногодишната жена од Велес, која вчера беше убиена од својот поранешен партнер, повеќепати го пријавувала во полиција за различни дела, а против него биле покренати постапки од страна на Обвинителството.
Вчера во Велес било пријавено двојно убиство и самоубиство. Жртви се 31-годишната Р.К. и нејзиниот татко К.К.(68), со повреди од остар предмет е пронајден и И. С. (39) од Скопје, поранешен партнер на Р. К., за кој според првичните информации постои сомнение дека ги нападнал двајцата, по што сам се повредил. Откако бил пренесен во болницата во Велес и кај него била констатирана смрт.