Пожарот бил изгаснат и затрупан за еден час, со што било спречено негово ширење кон главниот дел на депонијата

Синоќа, пред 23 часот, избувнал нов пожар во депонијата „Дрисла“, на локација пооддалечена од претходно активното жариште, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
По пријавувањето на пожарот, екипи на скопската противпожарна служба веднаш реагирале.
Поради специфичната природа на пожарот, Ангелов вели дека било неопходно истовремено затрупување на опожарената површина. За таа цел биле ангажирани градежни машини кои веќе биле на местото.
Пожарот бил изгаснат и затрупан за еден час, со што било спречено негово ширење кон главниот дел на депонијата.
Минатата недела на 9 септември избувна пожар на депонијата „Дрисла“ од кој се ширеше голем чад. Најпрво во гаснењето се интервенираше со гаснење со вода, а потоа и со специјална пена. Гаснењето продолжи со затрупување на жариштето. Денеска од Центарот за управување со кризи информира дека првиот пожар на „Дрисла“ е под контрола.
По пожарот, припадници на криминалистичката полиција вршеа службени разговори со вработени во ЈП „Дрисла“, со цел да ги утврдат причините за пожарот на депонијата.
Директорот Ангелов тогаш најави дека во следниот период ќе бидат употребени повеќе методи за набљудување на депонијата, како и зголемено полициско присуство, со цел откривање евентуални потпалувачи.
Посочи дека во околината на депонијата ќе има засилено полициско присуство, повеќе патроли, а ќе употребат и други методи на набљудување на самата депонија за откривање на евентуални потпалувачи.
Од депонијата „Дрисла“ апелираа до МВР да ги пронајде и санкционира потпалувачите на пожарите.