Во гаснењето на пожарот биле ангажирани осум противпожарни возила

Рано утринава, пред 4 часот, избувнал голем пожар во сервис за возила лоциран во месноста Каменик, во Пинтија, над поранешната фабрика „Стаклара“. Во објектот имало повеќе автомобили, масло и други запаливи материјали, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
По добиената пријава, скопската Бригада за противпожарна заштита веднаш интервенирала на местото на настанот. Во гаснењето на пожарот биле ангажирани осум противпожарни возила. Ангелов вели дека пожарот бил изгаснат два часа подоцна, по тешка борба со огнот.
Засега нема информации за причините за избувнувањето на пожарот ниту, пак, за евентуално повредени лица.
Инаку, од Центарот за управување со кризи (ЦУК) утринава велат дека има вкупно 13 пожари на отворен простор од кои еден е активен, а два се под контрола.
Активен е пожарот во Општина Гевгелија кај селото Петрово на планината Кожув. Под контрола се пожарите на депонијата „Дрисла“ и во селото Трубарево каде што од саботата гори електричен и електронски отпад.