„Утрово (15 септември), по моја наредба, американските воени сили спроведоа втор кинетички напад врз позитивно идентификувани, исклучително насилни картели за трговија со дрога и наркотерористи. Овие екстремно насилни картели за трговија со дрога претставуваат закана за националната безбедност на САД“, напиша Трамп на неговата социјална платформа Трут соушал (Truth Social)
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, вчера соопшти дека американската војска уништила венецуелски брод кој наводно пренесувал дрога и пловел во меѓународни води кон САД, пренесе Би-би-си.

Според Трамп, во нападот, кој го нарече акција против насилните наркокартели, се убиени тројца мажи, но не изнесе докази кои укажуваат дека бродот пренесувал дрога.
Инаку, претходно вчера венецуелскиот претседател Николас Мадуро изјави дека неговата земја ќе се брани од агресијата на САД, притоа нарекувајќи го американскиот државен секретар Марко Рубио „господар на смртта и војната“.
Тензиите меѓу двете земји ескалираа откако САД распоредија воени бродови во јужниот дел на Карибите во она што американската администрација го најави како операција против трговијата со дрога која доаѓа од Јужна Америка. Во нападите што досега ги извршија американските сили загинаа 11 лица.
„Утрово (15 септември), по моја наредба, американските воени сили спроведоа втор кинетички напад врз позитивно идентификувани, исклучително насилни картели за трговија со дрога и наркотерористи. Овие екстремно насилни картели за трговија со дрога претставуваат закана за националната безбедност на САД“,
напиша Трамп на неговата социјална платформа Трут соушал (Truth Social).
Во неговата објава е споделено и видео во траење од околу 30 секунди, на кое се гледа брод како експлодира, а потоа вивнува во пламен.
Говорејќи подоцна во Овалната соба, Трамп рече дека САД поседуваат валидни докази дека бродовите кои се цел на американската војска им припаѓаат на, како што ги нарече, наркотерористички групи.
„Сè што треба да направите е да го погледнете товарот, беше расфрлен низ целиот океан, големи вреќи со кокаин и фентанил насекаде. Ги евидентиравме. Многу сме внимателни“,
изјави американскиот претседател.
Тој додаде дека трговијата со дрога во САД по море се намалила по неодаменшните напори за нејзино сузбивање, но потврди дека наркотици сè уште влегуваат во земјата по копнен пат.
„Им порачуваме на картелите дека ќе ги запреме и нив“,
рече тој, пренесува британскиот национален сервис.

Американскиот државен секретар, Марко Рубио вчера го бранеше првиот напад врз брод што се случи на 2 септември, за кој рече дека дека превезувал дрога од Венецуела и во кој се убиени сите 11 лица кои биле на него. Според него, САД се 100 отсто сигурни дека бродот бил вклучен во трговија со дрога кој во земјата пристигнува од Јужна Америка.
„Она што треба да почне да се случува е некои од овие бродови да бидат кренати во воздух“,
рече тој во интервју за „Фокс њуз“.
Тој додаде дека Мадуро претставува „директна закана за националната безбедност“ на САД поради неговата наводна вмешаност во трговија со дрога.
Коментирајќи ги изјавите на Рубио, венецуелскиот претседател Николас Мадуро соопшти дека односите со САД се прекинати по последните акции на американските сили.
„ Преминавме од период на нарушени во целосно прекинати односи (со САД)“,
рече Мадуро.
Венецуелскиот претседател додаде дека неговата влада целосно ќе го искористи своето „легитимно право да се брани“.
Правни експерти во изјава за Би-би-си наведуваат дека со првиот напад врз брод во меѓународни води, САД најверојатно ги прекршиле меѓународните принципи за заштита на човековите права и поморското право.
Одговарајќи на новинарско прашање дали САД ќе почнат со копнени напади врз Венецуела, Трамп во неделата изјави: „Ќе видиме што ќе се случи“.
Соединетите Американски Држави и многу други земји, вклучително и Велика Британија, не го признаа реизборот на Мадуро во јули 2024 година, посочувајќи на докази собрани од опозицијата со помош на независни набљудувачи кои покажуваат дека неговиот ривал, Едмундо Гонзалез, ги добил изборите со убедлива победа.

Американските претставници, исто така, го обвинија Мадуро дека предводи наркокартел наречен Картел на сонцата и нудат награда од 50 милиони долари за информации што довеле до негово апсење.
Мадуро ги негираше обвинувањата и ги обвини САД за „империјалистички потег“ за негово соборување.