Гиновска вели и дека кога теренот ќе биде безбеден ќе се пристапи кон земање на мостри од почва за да се види каква е состојбата и ќе се нареди вештачење за, како што рече, да видиме какви биле медиумите за уништување на животната средина во околината на Трубарево
Никоски рече дека согласно дозволата субјектот имал право да складира и третира до 20 тони неопасен и 500 килограми опасен отпад на дневно ниво

Во петок ќе се знаат првите резултати за тоа дали имало загадување на воздухот со тешки метали во саботата по пожарот што избувна во фабриката „Ф-групација“ каде имаше складирано електронски и електричен отпад. Тогаш треба да бидат готови наодите од акредитирана лабораторија, а кои се направени на мостри земени веднаш штом се создале услови за тоа. Ова беше соопштено денеска на брифинг со новинарите во Министерството за животна средина и просторно планирање, на кој присуствуваа министерот Изет Меџити, директорите на Управата и на Инспекторатот за животна средина и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
„Во моментот кога се обезбедија услови беа земени мостри од акредитирана лабораторија, а се постави и мерач што ќе ги прибира честичките и тоа се за концентрации на тешките метали олово, кадмиум, арсен и никел. Тие резултати ќе бидат пратени во петок“,
вели Ивана Гиновска, директорка на Инспекторатот за животна средина.
Таа додава дека досега има резулати кои покажуваат само присуство на гасови во воздухот.
„Со сонда се земени примероци од три клучни места и тие резултати се стигнати. Но, тие се само резултати што покажуваат гасови. Концентрациите на сулфур диоксид, азот диоксид и јаглерод моноксид на сите три места се покачени од два до три пати над дозволеното. Јаглерод моноксидот чија просечна вредност не треба да надминува 10 микрограми на кубен метар, била 300“,
рече таа на денешниот брифинг со новинарите.
Гиновска вели и дека кога теренот ќе биде безбеден ќе се пристапи кон земање на мостри од почва за да се види каква е состојбата и ќе се нареди вештачење за, како што рече, да видиме какви биле медиумите за уништување на животната средина во околината на Трубарево.

Институтот за јавно здравје, како што рече Гиновска, добил насоки да ја испита водата од бунарите во овој реон, а инспектори од внатрешноста добиле задача веднаш да ги проверат отпадите и да се направат контроли.
Фирмата имала валидна дозвола
Според директорот на Управата за животна средина Игор Никоски фирмата „Ф-групација“ имала дозвола за складирање и третман на отпад издадена на 15.05.2021 година и оти нејзината важност е до 12.05.2026 година. Исто така, имала и одобрен елаборат за животна средина од 19.02.2021 година.
Никоски рече дека согласно дозволата субјектот имал право да складира и третира до 20 тони неопасен и 500 килограми опасен отпад на дневно ниво.
„Од јануари 2024 година издадена е дозвола за извоз на 600 тони отпад од електрична и електронска опрема во Република Бугарија. Во јануари 2025 година е издадена дозвола за извоз на 200 тони отпад од електрична и електронска опрема во Република Хрватска“,
рече Никоски.
Директорот нагласи и дека пред да се издаде дозволата на 07.05 20221 година стручни лица биле излезени на терен и било утврдено дека има услови за дејноста складирање и третман на отпад од електрична и електронска опрема, отпадни батерии, акумулатори и отпадни тонери.

Затоа, рече тој, е и издадена дозволата за третирање на опасен отпад.
Според него, компанијата редовно доставувала извештај за количина, потекло и вид на отпад во објектот, но тој ги немаше бројките за точната количина.
Документацијата од компанијата на вештачење
За тоа што горело дента на пожарот надлежните рекоа дека немаат информации затоа што станува збор за обемна документација која треба да се провери.
„Што се имало ќе се утврди, земена е документација од компанијата. Ќе видиме дали во 2023, 2024 година е префрлен отпад, дали има извезен отпад. Но, тоа е предмет за вештачење и не се поминува за еден или два дена“,
рече Гиновска.
Гиновска додаде и дека од 2021 година досега се извршени три надзори на оваа компанија и сега биле направени уште два.
Сите документи, како што рече таа, се доставени до надлежните органи.
„Досега неправилности немало“,
вели директорката.
Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ и раководител на лабораторијата АМБИКОН, Дејан Мираковски рече дека наредната недела треба да ги имаат првичните резултати од мерните станици за квалитетот на воздух.
„Излеговме на повик на државниот инспекторат и поставивме две станици за мерење и тоа една на радиус од 50 метри, на влезот на инсталацијата, а другиот е во дворот на основно училиште што е на 100 метри од местото. Ова се уреди што земаат примероци од аеросолите на филтер и се мери нивната маса, а подоцна ќе биде анализиран целосно елементраниот состав на тие честички со фокус на составот на елементарниот јаглерод и на металите“,
рече Мираковски.
Тој додаде дека за јавноста да има понавремени информации поставена е станица што зема примероци и мери во реонот и во ниту еден момент не биле забележани повисоки бројки.
„Кога стигнавме таму инспекторите направија преелиминарна анализа – детектирање на концентрациите на јаглерод моноксид и на кисели гасови и не беа детектирани мерливи концентрации повисоки од еден“,
рече тој додавајќи дека резултатите ќе бидат готови идната недела и тие ќе бидат за да се види сегашниот квалитет на воздухот.