„Сите треба да истапиме и да бидеме одговорни, на свој начин. Вистинската борба за живот или смрт е токму борбата за Кочани“, пишува на повикот за собирот од „Кој е следен“
На плоштадот во Скопје, утре во 20:16 часот, ќе се одржи тивок собир за оддавање заедничко сеќавање за загинатите по повод шест месеци од трагедија во кочанската т.н. дискотека „Пулс“, соопштија на социјалните мрежи активистите од иницијативата „Кој е следен?“ и младите од Студентското пленумско движење.

Од „Кој е следен?“ на социјалната мрежа Инстаграм за утре во 21:16 часот повикаа на тивок собир на плоштадот „Македонија“ во Скопје.
„Не беше несреќа, не беше трагедија. Беше масакр. Свирепо убиство од страна дисфункционалните институции и партискиот картел. Не смееме да се откажеме од борбата за вистината. Кога ќе се соочиме со неправда, да проговориме. Сите треба да истапиме и да бидеме одговорни, на свој начин. Вистинската борба за живот или смрт е токму борбата за Кочани“,
пишува на повикот за собирот од „Кој е следен“.
Студентското пленумско движење повика со ѕведено небо и молк да се оддаде почит на загинатите млади животи.
„Кој е следен“ два дена по несреќата, на 18 март, го одржа првиот протестен собир во главниот град, а протестни маршови имаше во текот на целиот месец.
Во мај со герила-акција пред Јавното обвинителство во Скопје го одбележаа вториот месец од несреќата.
Поддршка со присуство имаа и на „Маршот на ангелите“ во Кочани, на кој секоја сабота родителите и членовите на семејствата на загинатите бараат правда и одговорност за несреќата.
За потсетување, на 18 август од Основниот кривичен суд Скопје, кој со одлука на Врховниот суд, ја презеде надлежноста за предметот обвинението за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани. сè уште не е оценето од Советот за оцена на обвинителен акт бидејќи станува збор за обемен предмет за кој и понатаму течат роковите во рамките на оваа постапка.
Тогаш од Судот рекоа дека се поднесени 40 приговори од обвинетите и нивните бранители кои се доставуваат до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје за запознавање со нивната содржина.
Обвинението за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 лица, а над 200 се повредени беше поднесено на 13 јуни.
Неколку недели подоцна, односно на 2 јули Врховниот суд донесе одлука со која предметот го префрли од кочанскиот во Основниот кривичен суд Скопје.
За пожарот во Кочани обвинети се вкупно 34 физички и три правни лица.