Индициите, како што кажа Тошковски, укажуваат дека потпалувањата што се случуваат таму се предизвикани од дел од тие луѓе, односно од мал дел од луѓето што живеат на депонијата, но оти полицијата, вели министерот, не може да го ограничи правото на пристап до живеалиштето што го имаат
За решавање на проблемот со дивата депонија Вардариште, каде на 31 август избувна голем пожар, потребен е системски и мултинституиционален пристап бидејќи на оваа локација во моментов живеат повеќе од 200 луѓе, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Имено, ставот што Тошковски го сподели беше одговор на новинарско прашање дали се планира 24-часовна контрола на оваа дива депонија, затоа што според информациите таму секоја вечер по 23 часот се пали оган, а мерните станици покажуваат огромно загадување на ова подрачје.
„За жал, во рамки на оваа дива депонија којашто ја имаме живеат некаде над 200 луѓе. Значи во депонијата, среде депонија, живеат над 200 луѓе, замислете. Страшно е ова, страшно од секој аспект“,
рече министерот за внатрешни работи.
Индициите, како што кажа Тошковски, укажуваат дека потпалувањата што се случуваат таму се предизвикани од дел од тие луѓе, односно од мал дел од луѓето што живеат на депонијата, но оти полицијата, вели министерот, не може да го ограничи правото на пристап до живеалиштето што го имаат.
„Ние не можеме да спречиме тие луѓе да влегуваат и да излегуваат во оној периметар којшто го има“,
рече министерот.
Според него, станува збор за проблем што е таложен со години кој, како што додава, за жал, не може да се реши преку ноќ.
Таму, вели министерот, е потребно системско решение, односно луѓето треба да бидат дислоцирани оттаму и да им се најде соодветно, пристојно место за живеење.
„Тие луѓе треба да бидат дислоцирани оттаму, тој простор треба соодветно да се исчисти, отпадот што е таму, да се подигне и да се однесе на друга локација, соодветна за таков тип отпад, па потоа да се стави во рамките на оние надлежности во кои треба да биде ставен, а тоа не е во надлежност на Министерството за внатрешни работи, за жал или за среќа. Сакам да кажам дека ваму треба еден широк институционален пристап, темелен, за жал, тоа не можеме да го направиме за една или две недели или еден или два месеци за да трајно го решиме проблемот не само со Вардариште, со сите диви депонии. Но, пак ќе повторам, таму живеат повеќе од 200 луѓе во рамки на таа депонија. Додека не се реши што ќе правиме со тие луѓе, каде ќе се дислоцираат тие луѓе, како да им се помогне на тие луѓе со пристоен дом, овој проблем што го имаме таму секогаш ќе се јавува“,
рече Тошковски одговарајќи на новинарски прашања во кругот на фабриката „Макстил“, каде што се вршеше уништување на запленети оружје и дрога.

Повикувајќи се на податоци со кои располага, Тошковски рече дека овој проблем го имало во изминатите четири години и ќе продолжи да постои доколку не се почне со негово системско, темелно и мултиинституционално решавање.
„За да ги немаме овие маки коишто ги имаме треба превентивно сите да се фокусираат, сите надлежни институции, и најискрено, секој еден од нас. Секој еден македонски граѓани треба да даде свој придонес во рамки на една побезбедна Македонија. Секој еден од нас треба да сподели информација, секој еден од нас треба да однесува така како што треба да се однесува, секој од нас треба да биде максимално посветен да си ја изградиме и да ја зачуваме оваа наша убава Македонија“,
кажа Тошковски.
Инаку, по пожарот во Вардариште, жители на општина Аеродром секој ден одржуваат протести и го блокираат мостот „Близнак“.
Единственото барање што тие го упатуваат до надлежните институции е решавање на проблемот со дивата депонија.
Од денеска, освен редовниот попладневен термин од 18 часот, тие почнаа со едночасовна блокада на раскрсницата меѓу булеварите „Србија“ и АСНОМ и наутро од 7:30 до 8:30 часот.