Овие потези се меѓу најновите корпоративни удари врз работниците по притисокот од администрацијата на Трамп да се отпуштат оние што се „фатени“ како го слават атентатот врз Кирк
Водечките американски авиокомпании „Делта ерлајнс“, „Американ ерлајнс“ и „Јунајтед ерлајнс“ потврдија дека суспендирале неколку вработени поради несоодветни објави на социјалните мрежи поврзани со убиството на Чарли Кирк, политичкиот активист и сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Си-ен-ен.

Извршниот директор на „Делта“, Ед Бастијан, соопшти дека дознале за објави на социјалните мрежи од страна на вработени што ги надминуваат границите на здрава и пристојна комуникација.
„Овие објави се спротивни со нашите вредности и нашата политика на социјалните мрежи, а овие вработени се суспендирани додека трае истрагата“,
рече тој.
Истиот пример го следат и „Американ ерлајнс“ и „Јунајтед ерлајнс“.
Од „Американ ерлајнс“ соопштија дека некои вработени што објавиле содржина што промовира насилство на социјалните мрежи биле веднаш отстранети од работа.
Овие потези се меѓу најновите корпоративни удари врз работниците по притисокот од администрацијата на Трамп да се отпуштат оние што се „фатени“ како го слават атентатот врз Кирк.
„Ова однесување е страшно и тие треба да бидат отпуштени“, објави министерот за транспорт Шон Дафи на социјалната мрежа Икс додавајќи дека секоја компанија е одговорна за безбедноста на патниците и не смее да толерира такво однесување.
„Јунајтед ерлајнс“, исто така, испрати меморандум до своите вработени потсетувајќи ги на политиката на компанијата за социјалните медиуми.
„Јасно им укажавме на нашите вработени, но и клиенти дека имаме нулта толеранција за промоција на политички мотивирано насилство или каков било обид тоа да се оправда“,
соопштија од компанијата.
Чарли Кирк, конзервативен политички активист и коосновач на „Пресвртна точка САД“ (Turning Point USA), најголемата конзервативна младинска организација во Соединетите Американски Држави (САД), почина на 10 септември откако претходно беше застрелан на настан на Универзитетот Вели во Јута.