Од партијата потенцираат дека токму Министерството за животна средина е одговорно за издавање дозволи и контрола на ваквите објекти, но наместо да преземе одговорност министерот наводно се криел зад празни оправдувања и се обидувал да ја префрли вината на ДУИ

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска излезе со критика кон министерот за животна средина и просторно планирање и прв вицепремиер Изет Меџити обвинувајќи го за негрижа и неодговорност по пожарот што во саботата избувна во скопската населба Трубарево, во фирмата „Ф-групација“ која се занимава со електронски отпад.
Според соопштението од ДУИ, додека градот бил обвиен во токсичен чад од изгорена пластика и гуми, Меџити бил невидлив за јавноста.
„Во моментите кога Скопје беше обвиено со токсични облаци, со мирис на изгорена пластика, гуми и батерии, граѓаните очекуваа информации, препораки и апел за заштита. Но, Меџити не излезе пред јавноста, не презеде мерки, не понуди решение. За него, поважно беше да се појави на партиски активности, како ништо да не се случило“,
се наведува во соопштението на ДУИ.
Од партијата потенцираат дека токму Министерството за животна средина е одговорно за издавање дозволи и контрола на ваквите објекти, но наместо да преземе одговорност, министерот наводно се криел зад „празни оправдувања“ и се обидувал да ја префрли вината на ДУИ.
„Наместо да измислуваат внатрешни и надворешни непријатели, оваа Влада и Меџити треба да се соочат со својата одговорност, да ги расчистат случаите на палење пожари и да ја лоцираат одговорноста таму каде што навистина припаѓа – дури и ако тоа е нивната неспособност. Клеветите и неоснованите обвинувања нема да ги спасат од неуспехот“,
додаваат од ДУИ.
Во соопштението, партијата го обвинува Меџити за „урбан хаос, загадување и негрижа“ од времето кога раководел со скопската општина Чаир.
Од ДУИ јавно прашуваат кој ги подметнал пожарите во Битола, Кавадарци и Штип.
„Зарем и таму виновна е ДУИ? Или тоа е едноставно стилот на Меџити – да бега од одговорност и да мисли само на својот личен интерес?“,
велат од партијата.
Оттаму велат дека на 19 октомври, за кога се закажани локалните избори, Чаир и целата држава ќе стават крај на политиката на, како што велат, неодговорност, негрижа и егоизам, „затоа што дојде време за лидерство што го штити здравјето и достоинството на луѓето“.
Вчера, потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, упати критики до актуелниот министер за животна средина Изет Меџити обвинувајќи го дека не само што ги користи државните ресурси за сопствена кампања, туку и директно го загрозува здравјето на граѓаните со својата неактивност. Тој го повика Меџити да поднесе оставка.