„Постојат основани и отворени сомнежи кај мене, а и кај сите луѓе со кои разговарам, дека поголем дел од пожарите кои се случуваат овие денови се подметнати со цел создавање на вештачка криза во општеството во очи на претстојните локални избори“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук

Jа споделувам грижата на скопјани, напиша на Фејсбук градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, откако денеска избувна голем пожар во фабрика за електронски отпад во скопско Трубарево.
Ѓорѓиевски смета дека не само што некој си игра со трпението, туку си игра и со здравјето на илјадници граѓани во Скопје. Ги повика институциите брзо да постапат.
„Го повикувам Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да ги превземат сите неопходни мерки за откривање на сите кои се замешани во свесното и намерно потпалување на сите депонии околу главниот град Скопје. И ги повикувам да постапат брзо. Институциите треба и мора да делуваат, а здравјето на граѓаните да биде заштитено“,
напиша Ѓорѓиевски.
Тој вели дека го кажува јавно она што сите го гледале, зборувале, размислувале и посочувале – дека пожарите што се случија последниов период околу Скопје се подметнати.
„Постојат основани и отворени сомнежи кај мене, а и кај сите луѓе со кои разговарам, дека поголем дел од пожарите кои се случуваат овие денови се подметнати со цел создавање на вештачка криза во општеството во очи на претстојните локални избори. Никогаш во последните неколку децении не ни се случувало ова, да се палат ридови и сите ѓубришта во радиус од 20 километри околу главниот град. Овие пожари се со цел да се предизвикаат политички пожари. За жал граѓаните и ние скопјани сме жртви. На ова мора да му се стави крај“,
смета тој.
Ѓорѓиевски напиша оти верува дека институциите ќе постапат и ќе дејствуваат брзо.
„Најавувам дека по одржувањето на локалните избори првата и основна задача ќе ми биде создавање на систем каде нема да има пожари, Скопје ќе биде чисто, а депониите нема да бидат веќе проблем, туку решение. Имам план за чисто и здраво Скопје. Имаме комунални претпријатија со илјадници вработени, а немаме кој да се грижи за комуналниот ред. На овој напад против животната средина и против здравјето на граѓаните мора да му се стави крај“,
напиша Ѓорѓиевски.
Инаку, денеска околу 13:30 часот избувна пожар во фабриката „Ф-Групација“ во скопско Трубарево, на територија на Општина Гази Баба. Пожарот произведе голем црн облак од чад видлив од цело Скопје и околината. Надлежните информираа дека се користат сите располижливи средства за справување со огнот.
Пожарот предизвика и политички тензии. Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче изјави дека Македонија веќе е опасно место за живеење. Тој повика институциите итно да излезат со точни податоци дали и колку е загаден воздухот во и околу Трубарево, како и со препораки како да се однесуваат граѓаните.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинија дека опозициските партии СДСМ и ДУИ се одговорни за палење на депониите во Скопје повикувајќи ги надлежните институции да спроведат темелна истрага за инволвираноста на двете парити во намерно палење депонии.