„Отпадите и депониите работат без соодветни стандарди за заштита на животната средина и без контрола. ВМРО-ДПМНЕ и нивните градоначалници им должат одговори на граѓаните и тоа веднаш! Жителите на Скопје имаат право на здрав живот и чист воздух, а не на постојани пожари, чад и труење“, вели Шукова

Потпретседателката на опозицискиот СДСМ и кандидатка за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, во објава на Фејсбук напиша: „Скопје повторно под црн чад!“, откако денеска попладне избувна пожар во фабрика за електронски отпад во скопско Трубарево.
Шукова напиша дека граѓаните повторно вдишуваат отров наместо чист воздух и праша кој ќе сноси одговорност за труењето на граѓаните.
„Наместо молк, граѓаните бараат одговори и одговорност. Четири години под раководство на ВМРО-ДПМНЕ во општините сѐ е импровизација. Отпадите и депониите работат без соодветни стандарди за заштита на животната средина и без контрола. ВМРО-ДПМНЕ и нивните градоначалници им должат одговори на граѓаните и тоа веднаш! Жителите на Скопје имаат право на здрав живот и чист воздух, а не на постојани пожари, чад и труење. Доста е со импровизации и молк. Време е за реални решенија и вистинска грижа за граѓаните“,
вели Шукова.
Инаку, денеска околу 13:30 часот избувна пожар во фабриката „Ф-групација“ во скопско Трубарево, на територија на Општина Гази Баба. Пожарот произведе голем црн облак од чад видлив од цело Скопје и околината. Надлежните информираа дека се користат сите расположливи средства за справување со огнот.
Пожарот предизвика и политички тензии. Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, изјави дека Македонија веќе е опасно место за живеење. Тој повика институциите итно да излезат со точни податоци дали и колку е загаден воздухот во и околу Трубарево, како и со препораки како да се однесуваат граѓаните.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинија дека опозициските партии СДСМ и ДУИ се одговорни за палење на депониите во Скопје повикувајќи ги надлежните институции да спроведат темелна истрага за инволвираноста на двете партии во намерно палење депонии.