Според роковникот на ДИК за спроведување на локалните избори 2025, денеска на полноќ истекува рокот и сите што сакаат да се кандидираат на претстојните избори закажани за 19 октомври, своите кандидатури за градоначалници и листите на кандидати за членови на советите во 80 општини и Градот Скопје да ги поднесат преку своите овластени предлагачи во просториите на општинските изборни комисии (ОИК) и Изборната комисија на Град Скопје (ИКГС)

По долгите анализи и испитувања што ги правеше и она што го констатира, ВМРО-ДПМНЕ ги комплетира листите за советници и кандидати за градоначалници кои ќе настапат на претстојните локални избори, изјави денеска пред седиштето на Државната изборна комисија (ДИК), Ѓорѓија Сајкоски, генералниот секретар на партијата.
Како што рече тој, за кандидати за градоначалници ги избрале оние што покажале добри резултати во изминатите четири години, но има и нови кандидати кои се профилирани ликови во средините од каде што доаѓаат.
„За листи за советници се избрани луѓе коишто се предлог на месните и општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Можам да констатирам дека партијата е комплетно мобилизирана, дека ќе имаме голем успех на следните локални избори. Исто така, можам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ на следните локални избори ќе има плус советници и плус градоначалници во споредба од она што го имавме во 2021 година“,
изјави Сајкоски кој беше придружуван од членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска-Кочоска и Орце Ѓорѓиевски, кандидат на оваа партија за градоначалник на Скопје.
Според Сајкоски, сите анализи и од тоа што го слушаат од терен покажува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има огромна победа на локалните избори.
„Граѓаните знаат, го ценат квалитетот на понудените кандидати, но, исто така, го ценат она што е сработено во изминатиот период од страна на кандидатите за градоначалници, но и она што ВМРО-ДПМНЕ го ветува, вообичаено да се очекува да го реализира. Работата и трудот секако дека ќе бидат наградени на следните локални избори“,
додаде генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Според роковникот на ДИК за спроведување на локалните избори 2025, денеска на полноќ истекува рокот и сите што сакаат да се кандидираат на претстојните избори, закажани за 19 октомври, своите кандидатури за градоначалници и листите на кандидати за членови на советите во 80 општини и Градот Скопје да ги поднесат преку своите овластени предлагачи во просториите на општинските изборни комисии (ОИК) и Изборната комисија на Град Скопје (ИКГС).