Оттаму посочуваат дека Даме Димитровски, актуелен советник на премиерот Христијан Мицкоски за животна средина и поранешен претседател на комисија за животна средина на ВМРО-ДПМНЕ, е претседател на Управниот одбор на „Дрисла“

Скопје е задушено во чад поради горењето на депониите, граѓаните со најскапото нешто – со своето здравје ја плаќаат цената на неспособноста и лагите на ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од СДСМ поради пожарот на депонијата „Дрисла“.
Оттаму посочуваат дека Даме Димитровски, актуелен советник на премиерот Христијан Мицкоски за животна средина и поранешен претседател на комисија за животна средина на ВМРО-ДПМНЕ, е претседател на Управниот одбор на „Дрисла“.
„Ќе побара ли сега Мицкоски одговорност од него? ВМРО-ДПМНЕ имаше и директор на ‘Дрисла’ – Јане Мицевски, човек без никакво соодветно искуство, магистер за туризам и менаџмент. Со депонијата Вардариште со децении управуваат нивни градоначалници, од Коце Трајановски, до Бобан Стефковски. Пред четири години ВМРО-ДПМНЕ и нивните градоначалници ветуваа: Фабрика за селекција на отпад во Дрисла, затворање на Вардариште, намалување на стакленички гасови, покривање и озеленување, ветуваа Зелена зона Вардариште со спортско-рекреативни терени, a Тимчо Муцунски ветуваше дислокација. Поминаа четири години, ништо од ова не е направено. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не само што ништо не исполнија, не само што ништо не решија, туку ги оставија депониите да го трујат градот“,
соопштија од СДСМ.
Вчера преку соопштение се огласија од ЈП депонија „Дрисла“. Оттаму нагласија дека депонијата нема можност за загадување и апелираа до МВР да ги пронајде и санкционира потпалувачите на пожарите.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, најави дека Министерството за внатрешни работи ќе се позанимава со состојбата околу депонијата „Дрисла“ бидејќи, како што рече, симптоматично е тоа што пожарот на депонијата завчера беше ставен под контрола, а при крајот на ноќта повторно се распламтил. Тој прстот го впери кон ДУИ.