Во објава на Фејсбук, портпаролот на косовска влада вели дека изразува длабоко убедување оти Косово е најсериозниот партнер на САД за стабилност, безбедност и мир во регионот

Портпаролот на косовска влада Перпарим Криезиу, по одлуката на САД да го суспендира стратешкиот дијалог со Косово, изјави дека односите со Соединетите Американски Држави остануваат стабилни.
Тој во објава на Фејсбук вели дека изразува длабоко убедување оти Косово е најсериозниот партнер на САД за стабилност, безбедност и мир во регионот.
Криезиу вели дека владата по прв пат од прогласувањето на независноста на Косово целосно го исполнила својот мандат.
Таа го направила ова, како што вели, со тоа што придонела за институционалната стабилност и социоекономскиот развој, и покрај глобалните предизвици како што се пандемијата, енергетската криза и војната во Украина.
„Нашите дејствија, законски и уставни, отсекогаш биле во служба на елиминирање на изворите на нестабилност со цел да се гарантира одржлива и долгорочна стабилност. Стабилноста што ја уживаме денес е природен резултат на владеењето на правото и јавниот ред“,
додава тој.
Криезиу нагласи дека Косово ја деполитизирало интеграцијата на српската заедница, заштитувајќи ги граѓаните од нелегалните српски структури и нудејќи конкретни мерки како што се вработување и верификација на дипломи од Универзитетот во Северна Митровица.
Во врска со критиките кон Уставниот суд на Косово, тој рече дека ставот на премиерот Албин Курти е јасен, обвинувајќи го Судот за одложување на одлуките и поткопување на демократскиот карактер на Републиката.
Тој изрази благодарност за придонесот и посветеноста на САД во Косово во повеќе области.
„Исто така, ги поздравуваме критиките. Секогаш кога се специфични, правиме сè што можеме за да ги подобриме и коригираме нашите чекори и дејствија“,
напиша Криезиу.
Претходно денеска Амбасадата на САД во Косово објави дека го суспендирала на неодредено време планираниот стратешки дијалог со Косово поради загриженост за потезите на владата во заминување, кои ги зголемија тензиите и нестабилноста, ограничувајќи ја способноста на САД продуктивно да работат со Косово по заедничките приоритети.