Претседателот на Собранието Африм Гаши повика на изборите политичкиот натпревар да се одвива без инциденти и конфликти, без притисоци и страв, без омаловажување и навреди, туку во здрава демократска средина
За време не дебатата пратениците од албанскиот блок разменуваа критики. На ваквите излагања реагираше Фатмир Битиќи од СДСМ кој побара 10-минутна пауза, како што рече, за да се врати достоинството на Собранието

Собранието на Република Северна Македонија денеска со 73 гласа „за“ и ниту еден „против“ ја усвои Декларацијата за одржување фер, слободни и демократски локални избори. Документот, поднесен од претседателот на Собранието Африм Гаши и координаторите на сите пратенички групи, има за цел да обезбеди општествено единство за спроведување на изборите според највисоки стандарди.
Во Декларацијата се осудува семејното и групното гласање, говорот на омраза, насилството и дискриминацијата, како и ширењето на дезинформации. Се нагласува потребата од фер пристап на сите учесници во изборната кампања до медиумите за промовирање на нивните кандидати, политики и ставови. Во Декларацијата се осудуваат кампањите што шират дезинформации и невистини, со цел да се дискредитира некоја личност, институција, политичка партија или организација.
Исто така, се осудува секаква изборна корупција, злоупотреба на државни ресурси, поткуп и уцени.
Во своето обраќање, претседателот Гаши изјави дека со оваа декларација Собранието испраќа силна порака за натпартиско обединување, со цел да се гарантираат слободни, фер и демократски избори.
„Оваа декларација не е само формален чин, туку е израз на определбата на Собранието, на сите партии и на сите пратеници да им обезбедиме еднакви и рамноправни услови на нашите граѓани“,
рече Гаши.
Тој повика на изборите политичкиот натпревар да се одвива без инциденти и конфликти, без притисоци и страв, без омаловажување и навреди, туку во здрава демократска средина.
Пред гласањето, дебатата беше обележана со критики меѓу пратениците од албанскиот блок.
Скендер Реџепи од опозицискиот „Европски фронт“ изјави дека нема да ја поддржи декларацијата, оценувајќи ја како „празен лист“ кој нема врска со реалноста. Тој рече „има луѓе кои ќе изгубат на изборите кои сценираат меѓуверски инциденти“, критикувајќи го молкот на институциите.
Аднан Азизи од ВЛЕН му реплицира на Реџепи и го обвини за измама и додаде дека државата има информации за обиди за дестабилизација и палење верски објекти од сомнителни групи.
Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ изрази изненадување од несогласувањето во редовите на „Европски фронт“ бидејќи Декларацијата била потпишана од нивниот координатор.
Блерим Беџети, координаторот на „Европски фронт“, потврди дека ја потпишале декларацијата за да дадат шанса на процесот, но побара таа да се спроведе и во практика.
Фатмир Битиќи од СДСМ побара пауза поради недоличниот речник и тензичната дебата и нагласи дека не е соодветно да се води таква расправа непосредно пред почетокот на изборната кампања.
Халил Снопче од Алијанса за Албанците рече дека ќе гласа за Декларацијата, но оцени дека изборите ќе бидат антидемократски затоа што, како што рече, „имаме привилегирани граѓани со право глас кои имаат импакт во одредување на бројот на советници и дискриминари граѓани кои немаат импакт“.
Весна Бендевска од ЗНАМ во својот говор ја критикуваше дебатата која не се однесувала на суштината на Декларацијата.