Мерната станица во Лисиче покажува дека според мерењето во 7 часот утринава се регистрирани 39,3 микрограми на кубни метри ПМ 2,5 честички. Оваа концентрација е 7,9 пати поголема од годишната препорачана вредност на Светската здравствена организација, пишува платформата за мерење на квалитетот на воздухот „Ај-кју ер“
Чадењето од депонијата „Дрисла“ сè уште е присутно, но во многу помал обем од претходно, информира утринава директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, во утринскиот извештај околу состојбата со пожарот на скопската депонија, кој избувна пред неколку дена.

„Во текот на вчерашниот ден е затрупан дел од просторот на депонијата „Дрисла“ од кој имаше чадење. Денес затрупувањето продолжува со засилено темпо бидејќи вчера беа извршени неколку логистички зафати кои овозможуваат полесен и побрз пристап до критичната точка“,
вели Ангелов.
Додава дека пожарот на дивата депонија Вардариште е целосно изгаснат и од неа нема никакво чадење.
Во однос на загадувањето на воздухот, директорот на ДЗС упати да се погледнат мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање. Па така, мерната станица во Лисиче покажува дека според мерењето во 7 часот утринава се регистрирани 39,3 микрограми на кубни метри ПМ 2,5 честички.
Оваа концентрација на ПМ 2,5 честички во Лисиче е 7,9 пати поголема од годишната препорачана вредност на Светската здравствена организација, пишува платформата за мерење на квалитетот на воздухот „Ај-кју ер“.
Високо е и присуството на ПМ 10 честичките. Според мерењата на станицата во Лисиче во 7 часот утринава, нивното присуство во воздухот е 82,5 микрограми на кубни метри.
Во другите делови од Скопје аерозагадувањето е помало. И покрај тоа, платформата „Ај-кју ер“ покажува дека на ниво на Скопје, присуството на ПМ 2,5 честичките е 3,5 пати поголемо од препорачаната вредност на СЗО.