Претседателката на државата во изјава за „Слободен печат“ порачува дека безбедносниот систем не е арена за партиски препукувања ниту за партиски агентура. Таа не се осврнува конкретно на Агенцијата за разузнавање, која е под нејзина надлежност, но ова е прв нејзин став откако излезе во јавност случајот со наводите за следење политичари, новинари и бизнисмени
Она што можам да го гарантирам како претседател на државата е дека во ниту еден момент нема да дозволам да се поткопаат темелите на внатрешната и надворешната безбедност на Македонија, затоа што довербата во безбедносниот систем е темел на секоја држава.
Ова во изјава за „Слободен печат“ го вели претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, велејќи дека будно ја следи, како што ја нарекува „аферата за незаконското прислушување и следење од страна на група вработени во АНБ на личности од опозицијата, премиерот и неговото семејство, други политичари, обвинители, новинари, бизнисмени, во периодот од 2019 година до 2024 година, во дел со предлог за користење посебни истражни мерки и веројатно со сериозни обвинувања за основано сомневање за тешки кривични дела“.

Таа во изјавата порачува дека безбедносниот систем не е арена за партиски препукувања ниту за партиски агентура.
„Тоа се строго професионални институции, посебни органи на државната власт каде што е апсолутно забрането политичко или партиско здружување и дејствување“,
вели Сиљановска-Давкова откако потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, ја прозва да реагира за злоупотребите во Агенцијата за разузнавање (АР).
Таа не се осврнува конкретно на Агенцијата за разузнавање, која е под нејзина надлежност, но ова е прв нејзин став откако излезе во јавност случајот со наводите за следење политичари, новинари и бизнисмени.
Нејзината изјава доаѓа откако пред десетина дена премиерот Христијан Мицкоски и актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски, потврдија дека Агенцијата испратила известувања до Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата дека внатрешна контрола во АНБ дошла до сознанија кои укажуваат на незаконско, неетичко и непрофесионално работење на еден поранешен директор на оваа институција и група вработени во неа.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изрази сомнеж дека во случајот освен него биле следени и неговите деца и побара расчистување на случајот и казни за одговорните. Од друга страна, опозицискиот СДСМ бара декласификација на документите за да може, како што велат, да се дознае целата вистина за случајот со АНБ.
„Она што е важно да се потенцира е дека секое незаконско следење или прислушување претставува тешко кривично дело и напад врз демократијата. Затоа, најважно е институциите и органите на прогонот независно и професионално да ја истераат истрагата до крај. Се работи за многу чувствителна материја – тоа се класифицирани информации и каква било нивна компромитација спротивно на Законот за класифицирани информации би наштетила на текот на истрагата и би предизвикала директно попречување на органите што постапуваат“,
вели претседателката Сиљановска-Давкова.
Во изјавата таа повикува на политичка зрелост и на, како што вели, сериозен и професионален пристап на институциите и органите што постапуваат, пред сè на ОЈО ГОКК, кои треба да си ја завршат својата работа.

Членови на собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ и АР вчера и денеска беа во посета на двете институции, но не добија увид во документите. Од АНБ се повикале на истрагата на Обвинителството за случајот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека скандалот што го отвори ВМРО-ДПМНЕ за наводна злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) е политичка конструкција со цел да се манипулира јавноста пред избори.
Тој уште еднаш ја повика Владата веднаш да ги декласифицира сите документи поврзани со случајот за да се расчистат сите сомнежи.

Тоа што ниту на пратениците со безбедносни сертификати не им бил овозможен увид во материјалите е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ не сакаат вистината да излезе на виделина „поради тоа што ќе им пукне ова како петарда во рацете, односно ќе биде сосема јасно дека тие сакале да конструираат афера во прилог на подгревање на предизборната атмосфера“.