Пратениците, додаваат од Собранието, се сретнале со директорот на Агенцијата, Бојан Христовски, кој ги информирал во врска со неправилностите и недостатоците, односно за непрофесионалното и незаконито постапување во Агенцијата, во периодот од 2019 година до 2024 година

Членовите на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР), вчера беа во надзорна посета на АНБ но, како што информираат од Собранието, немале можност за увид во документацијата. Од АНБ се повикале на истрагата на обвинителството за случајот.
Пратениците, додаваат од Собранието, се сретнале со директорот на Агенцијата, Бојан Христовски, кој ги информирал во врска со неправилностите и недостатоците, односно за непрофесионалното и незаконито постапување во Агенцијата, во периодот од 2019 година до 2024 година. Воедно, тој ги информирал членовите на Комисијата и дека се доставени известувања до надлежно Јавно обвинителство кое постапува во конкретниот случај.
„Дополнително, разговарано беше и за потребата од институционално постапување и решавање на предметите во врска со доставените известувања до надлежното Јавно обвинителство во согласност со законската регулатива и утврдените постапки, од една страна, и важноста и потребата за остварувањето на суштински надзор над работењето на Агенцијата од собраниската Комисија, од друга страна. На средбата членовите на Комисијата беа информирани и за други теми поврзани со работењето на Агенцијата за национална безбедност и активности коишто се преземаат со цел подобрување на условите за работа и отстранување на недостатоците во работењето“,
информираат од Собранието.
Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, вчера, пред посетата на АНБ, изрази очекување Агенцијата за национална безбедност да има слух за барањето за декласификација на материјалите во врска со наводите за прислушување, додека нејзиниот колега од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов изјави дека она што е важно е да се види што се случувало во АНБ и кој сè бил таргет на следење во периодот кога партијата чиј член е беше во опозиција.