Рама пред присутните ги претстави имињата на министрите на новиот владин кабинет. Дел од нив првпат ќе седнат во владата, а дел од нив веќе воделе некое министерство

Премиерот на Албанија, Еди Рама, за време на Националното собрание на Социјалистичката партија, ја откри својата визија за четвртиот владејачки мандат. Со мотото „Нова волја за четвртиот мандат“, Рама ја нагласи потребата од нов пристап кон новите предизвици и наследените проблеми. Тој побара од структурите на СП и од владата нова посветеност, дисциплина и длабоко размислување за да се продолжи напред со истата енергија како и во првиот мандат.
Рама пред присутните ги претстави имињата на министрите на новиот владин кабинет. Дел од нив првпат ќе седнат во владата, а дел веќе воделе некое министерство.
За вицепремиер и министер за инфраструктура и енергетика е назначена Белинда Балуку. Министерството за внатрешни работи ќе го води Албана Кочиу, додека министерството за Европа и надворешна политика ќе го води доскорешната претседателка на Собранието, Елиза Сиропали.
Во министерството за финансии Рама го назначи Петрит Малај, додека со министерство за култура и туризам ќе раководи Бленди Гонџја. Доскорешната министерка за туризам Мирела Кумбаро сега ќе раководи со министерството за образование. Софјан Јаупај ќе седне во министерството за животна средина, во здравство Елвис Сала, со ресорот економија и иновации ќе раководи Делина Ибрахими, ресорот правда ќе го води Бесфор Ламалари, додека министерство за одбрана Пиро Венгу. Андис Салла ќе раководи со земјоделието, во локална самоуправа министер е Ервин Демо, за односи со парламентот ќе биде Тони Гого. Со министерството за јавна администрација и борба против корупција ќе раководи Адеа Пирдени, и како иновација во новиот владин кабинет на Рама по првпат се воведува и Министерство за вештачка интелигенција. На функцијата министер Рама ја назначи „Диела“.
Освен владиниот кабинет, Рама денеска на Националното собрание на Социјалистичката партија го предложи Нико Пелеш за нов претседател на парламентот на Албанија, додека Клодијана Спахиу како заменик-претседателка на парламентот.
Албанскиот премиер Еди Рама пред присутните изјави дека албанскиот парламент треба да има максимум 101 пратеник, предлагајќи да се направат уставни измени за да се постигне оваа цел.
„Треба да ги реформираме институциите на оваа земја, почнувајќи од собранието. Речиси секој Албанец смета дека бројот на пратеници е претеран. Намалувањето на бројот на пратеници во Собранието на Албанија, на најмалку 101 пратеник, би имало само позитивно влијание. Затоа, оваа позитивна уставна промена треба да биде наш мотив, кој се совпаѓа со волјата на нашите гласачи и оние кои го даваат својот глас на друго место“
рече Рама.
Состанокот на Националното собрание на СП се одржува еден ден пред првата пленарна седница на албанското собрание, каде што се очекува пратениците избрани на изборите на 11 мај да положат заклетва.