Потврди дека Либерално-демократската партија (ЛДП) ќе ја даде поддршката во Карпош, додека неговата партија ГРОМ ќе го предложи Александар Трајановски за кандидат за градоначалник на Град Скопје, кој веќе два мандати е советник во градската управа и заменик-градоначалник на Град Скопје
Актуелниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска официјално ја објави својата нова кандидатура на претстојните локални избори закажани за 19 октомври. Со тоа, тој влегува во трка за петти мандат за градоначалник на оваа општина.

Одлуката ја соопшти на денешниот брифинг со новинарите, давајќи куса ретроспектива за претходните мандати на чело на Карпош, присетувајќи се на она што досега го направил, но и со која, како што рече, екипа на градоначалници во Скопје низ годините имал добра соработка.
„Одлучив да се кандидирам за градоначалник на Општина Карпош и да повторно ја побарам довербата на карпошани. По долготрајно испитување на јавното мислење, но и по долготрајни консултации со жителите, констатирав дека тие се подготвени за моја поддршка и имаат желба по петти пат да ме гласаат за градоначалник на општината. Тоа, пред сè, е поради резултатите што ги има општината во изминатите четири мандати. Не е скромно да кажам дека Карпош е 10 до 15 години пред која било друга општина во државата, а тука пред сè мислам на инфраструктурата, на условите во училиштата и градинките, но и на подготвеноста на администрацијата во решавањето на проблемите на граѓаните“,
кажа тој.
Сепак, одлуката за нова кандидатура ја донел и поради новите предизвици и проблеми што се појавуваат, а за најголем го оцени тој со паркирањето, како и одржувањето на хигиената и зеленилото.
„Карпош мора да вложува во катни гаражи и платформи. Ќе инсистираме на нови законски решенија за хигиената и зеленилото, затоа што е недозволиво десет градоначалници, односно 11 со тој на Град Скопје, да бидат одговорни, а резултатите да се катастрофални. Одговорноста мора да се знае точно каде е за одржување на зеленилото и за хигиената во една општина, а тоа е таа да дојде кај локалната самоуправа за да граѓаните имаат вистински сервис“,
вели Јакимовски.
Како пример за тоа ги посочи градовите низ државата, за кои рече дека се многу почисти за разлика од Градот Скопје, за што рече дека е нивни голем срам.
Како проблем ги посочи градежните компании што градат, за кои додаде дека мора да почитуваат правила.
„Граѓаните што живеат во близина на градилиштата се сериозно загрозени. Мора да се направат законски измени и во тој дел. Рестораните, кафулињата мора да имаат поголем респект кон правилата и мора да водат сметка да не попречуваат влез и излез на граѓаните“,
вели Јакимовски.
Најави и дека ќе продолжи со унапредување на училиштата, со нови системи за греење и ладење, топлотни пумпи и батерии за складирање струја, што дополнително ќе ги намали нивните трошоци.
Ќе се зголемат стимулациите за реновирање покриви и лифтови, а ќе продолжат и субвенциите за полагање возачки испити за средношколци, што можат да се прошират со покривање на дополнителни трошоци, како лекарски преглед, прва помош и првото полагање.
„Ќе воведеме и нови стимулации онаму каде има индивидуално домување, каде ќе се даваат субвенции за правење бушотини за техничка вода за полевање, како и за групирање на неколку семејства за систем за наводнување, со што ќе се намали потрушувачката на питка вода во општината“,
кажа тој.
Според него, Карпош мора да има и свој пензионерски дом од 150 до 200 легла.
Јакимовски потврди дека Либерално-демократската партија (ЛДП) ќе ја даде поддршката во Карпош, додека неговата партија ГРОМ ќе предложи кандидат за градоначалник за Град Скопје, а најави дека тоа ќе биде Александар Трајановски, кој веќе два мандати е советник во градската управа и заменик-градоначалник на Град Скопје.
Дополнително, додаде дека се разговара за можни поддршки и во други општини.
„Разговорите веројатно ќе бидат денеска завршени и ќе се потпише коалицискиот договор. Драго ми е што на чело на советничката листа за Град Скопје ќе биде Ристо Пенов, кој за мене е квалитетна политичка фигура и е голем познавач на проблематиката за локална самоуправа. Ќе биде сериозна поддршка на нашиот кандидат за градоначалник на Град Скопје“,
вели Јакимовски.
На новинарско прашање за пресудата во врска со градењето на административната зграда на Општината, кога во април му е досудена казна затвор од три и пол години, рече дека тоа е политички мотивирана пресуда.
„Тоа е смешна пресуда и очекувам дека Апелациониот суд ќе ја врати на преиспитување“,
кажа тој.
Кривичен го осуди Јакимовски за две дела – бесправно градење и злоупотреба на службената положба. За бесправната изградба на општинскиот објект Судот му изрече казна затвор од една година, а за злоупотреба на службената положба и овластување – затворска казна од три години.