„Едно од тие прашања кои ќе ги поставам е: што се случува со полиграфистот кој се посочува, барем во брифинзите, кои ги има дел од јавноста, како клучен односно лицето што ги спровело полиграфските тестирања. Дали е тој сè уште на работа, дали заминал, дали заминал под притисок итн.“, рече пратеничката на СДСМ пред денешната надзорна посета на АНБ
Нејзиниот колега од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов избегна да одговори конкретно на прашањата на новинарите за став во врска со барањата на опозицијата за декласификација на документите, велејќи дека она што е важно од денешниот надзор е да се види што точно се случувало во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и кои мерки, како што кажа, биле користени против ВМРО-ДПМНЕ, додека партијата била во опозиција
Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, очекува Агенцијата за национална безбедност (АНБ) да има слух за барањето за декласификација на материјалите во врска со наводите за прислушување, додека нејзиниот колега од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов вели дека она што е важно е да се види што се случувало во АНБ и кој сè бил таргет на следење во периодот кога партијата чиј член е беше во опозиција.

Петровска и Пренџов ова го кажаа во изјава за медиумите, непосредно пред влегувањето во Агенцијата за национална безбедност, со уште неколкумина нивни колеги, пратеници, за да извршат надзор по наводите дека во Агенцијата имало незаконско, неетичко и непрофесионално постапување од страна на поранешен директор на оваа институција и група вработени.
Терминот за посета на АНБ членовите на Комисијата за надзор на оваа институцијата го изгласаа на денешната седница, по што напладне се упатија во Агенцијата, чии простории се наоѓаат во кругот на Министерството за внатрешни работи (МВР), но се одвоени од Министерството.
„Јас ќе го повторам барањето дека овој надзор се прави во интерес на јавноста и на граѓаните и тие треба да ни бидат императив во нашето работење како пратеници, како претставници на народната власт. Не знам дали Агенцијата за национална безбедност ќе има слух да изврши декласификација или делумна декласификација, сè во интерес за да можеме во детали да ѝ соопштиме на јавноста“,
рече Петровска.
Пратеничката на СДСМ изјави дека од денешниот надзор очекува на присутните членови на Комисијата да им биде дозволен увид во сите документи кои ќе ги побараат, како и оние за кои Агенцијата смета дека треба да им бидат достапни.
Петровска рече дека таа лично има подготвено околу триесетина прашања кои ќе ги упати за време на денешниот надзор, а кои, како што кажа, се во интерес на расчистување на овој случај.
Таа сподели дел од прашањата, но рече дека за жал тоа нема да може да го направи со одговорите што ќе ги добие бидејќи состанокот е класифициран.
„Едно од тие прашања кои ќе ги поставам е: што се случува со полиграфистот кој се посочува, барем во брифинзите, кои ги има дел од јавноста, како клучен односно лицето што ги спровело полиграфските тестирања. Дали е тој сè уште на работа, дали заминал, дали заминал под притисок итн“,
рече пратеничката на СДСМ.
Друго прашање што ќе го постави, рече таа, е што се случило со шефот на внатрешната контрола на Агенцијата, кој според нејзини информации бил сменет.
„Можеби не е вистина, но зошто тој бил сменет пред да започне оваа внатрешна истрага во Агенцијата итн. Тоа се многу прашања, но кои, како што реков, се во интерес на овој надзор и обелоденување на вистината околу овој т.н. скандал“,
изјави Петровска.

Одговарајќи на новинарско прашање, што доколку документите не бидат декласифицирани, таа рече дека тогаш тие, како надзорно тело ќе мора да излезат со многу површни изјави за она што ќе го утврдат при денешниот надзор, за разлика од деталите што се споменуваат во јавноста од брифери кои, како што кажа таа, не ѝ се познати на јавноста.
„Ако јавноста не ги добие вистинските одговори, а чекор кон тоа е декласификацијата што ние ја бараме, тогаш овој случај и понатаму ќе остане да биде преписка или размена на зборови меѓу политичките партии. Во интерес на јавноста, на државата, но и на Агенцијата за национална безбедност е овој случај да биде обелоденет целосно“,
рече Петровска.
Нејзиниот колега од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, избегна да одговори конкретно на прашањата на новинарите за став во врска со барањата на опозицијата за декласификација на документите.
Пренџов рече дека она што е важно од денешниот надзор е да се види што точно се случувало во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и кои мерки, како што кажа, биле користени против ВМРО-ДПМНЕ додека партијата била во опозиција.
„Да видиме кој и колку бил таргет, да видиме кои мерки биле користени против тогашната опозиција, да видиме што е испратено до Обвинителството на Република Македонија и конечно овие институции да ги решат овие работи за повеќе никогаш да не ни се случуваат во рамки на македонското општество, бидејќи сметам дека службите треба да бидат чувари на државата, а не генератор на кризи во државата“,
рече Пренџов.
Прашан зошто Комисијата не побарала надворешни експерти за увидот, бидејќи има системи за кои тие немаат стручно познавање, Пренџов појасни дека покрај Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР во Собранието има уште една Комисија за надзор на комуникациите, која, како што рече, доколку е потребно, може да се вклучи.
„Ве уверувам дека доколку ние увидиме и други работи, таа Комисија ќе се вклучи и е добредојдена. Надзорот на никого не му штети, надзорот е добар, тоа е здраво за демократијата, бидејќи секој од нас кој е јавна личност, јавен функционер што зема народни пари е должен да биде транспарентен и да работи согласно законот“,
изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Христијан Мицкоски, за време на денешната посета на општина Кисела Вода, не сакаше да ја коментира денешната надзорна посета на АНБ.
„Па нека појдат пратениците во сите агенции, и во Агенцијата за разузнавање и во Агенцијата за национална безбедност. Јас кажав што имав да кажам, не би сакал што повеќе да зборувам“,
рече Мицкоски.
Освен во АНБ, членовите на Комисијата на денешната седница изгласаа утре напладне да извршат надзор и во Агенцијата за разузнавање (АР).
Барањето за надзор на АНБ дојде на предлог на пратеникот и член на ова тело, Љупчо Пренџов, откако премиерот Христијан Мицкоски и актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски, минатата недела потврдија дека при внатрешна истрага во Агенцијата било утврдено незаконско, неетичко и непрофесионално постапување од еден поранешен директор и група вработени во периодот од 2019 до 2024 година.
Известувања со ваквите наводи се доставени до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), кое води предистражна постапка.
ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер тврдат дека во посочениот период како опозиционер тој бил таргет на незаконско прислушување. Од друга страна, од СДСМ бараат декласификација на материјалите за да се види, како што велат од опозициската партија, целата вистина.