Изминатото деноноќие биле изгаснати 23 пожари на отворен простор

Пожарот на депонијата „Дрисла“ утринава сè уште е активен, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во гаснењето на овој пожар вчера интервенираа десет противпожарни возила, а беше направен и противпожарен појас за да не се дозволи огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата.
Покрај овој пожар, активни се уште три други. Во Општините Липково и Гази Баба кај селата Никуштак и Булачани горат нискостеблеста деградирана шума и дабова шума. Борова шума гори кај селото Татеши во Општина Струга, а во оваа општина гори и ниска вегетација кај населбата Елен Камен.
Од ЦУК велат дека утринава под контрола се два пожари на отворен простор, и тоа во Општина Берово кај селото Русиново каде горат дабова и букова шума и папрат. Под контрола е и пожарот на депонија кај селото Куклиш во Општина Струмица.
Изминатото деноноќие, како што велат од ЦУК, изгаснати се 23 пожари каде во најголем дел гореле ниска вегетација, ѓубре и стрништа.