Според пишувањата на грчките медиуми, засега не се пријавени повредени и материјални штети

Земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала е регистриран ноќеска во југозападниот брег на островот Евија во Грција, соопштија од Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Земјотресот се случил 27 минути по полноќ по локално време, а епицентарот бил на 37 километри североисточно од Атина и на 14 километри од градот Неа Макри.
Земјотресот, според ЕМСЦ, бил на длабочина од 10 километри.
Потресот, пропратен со силен звук, бил почувствуван во целата област Атика, поширокиот регион на Атина.
Според пишувањата на грчките медиуми, засега не се пријавени повредени и материјални штети.
Во својата автоматска проценка, Институтот за геодинамика со седиште во Атина објави на својата веб-страница дека земјотресот се случил пет километри северозападно од градот Неа Стира, на длабочина од 13,6 километри.
По овој земјотрес, во околината на градот Неа Стира, биле регистрирани уште неколку потреси чиј интензитет бил до 2,8 степени.