Првата точка на протестот е Владата на Србија, потоа Палатата на правдата, зградата на Единицата за обезбедување на одредени лица и објекти и, на крај, Одделот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи
Студентите во блокада на Универзитетот во Белград за денеска, 8 септември, во 14 часот најавија протест под мотото „Индексот е посилен од пендрекот“ пред Владата на Србија.

„Сè запира во понеделник. Се гледаме“,
порачаа студентите на социјалните мрежи.
На социјалната мрежа Инстаграм тие објавија илустрација од планот за протест, каде првата точка е Владата на Србија, потоа Палатата на правдата, зградата на Единицата за обезбедување на одредени лица и објекти и, на крај, Одделот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи.
Студентите во блокада на Медицинскиот факултет во Нови Сад за денеска најавија протест против полициската бруталност во 11:52 часот пред Ургентниот центар на Клиничкиот центар на Војводина.
Испратија повик до колегите здравствени работници, како и до граѓаните на Нови Сад.
„Додека ние преврзуваме, вие претепувате. Рацете што лекуваат не смеат да бидат врзани. Бели мантили секогаш, бело знаме никогаш“,
порачаа тие.
Во текот на изминатата недела низ цела Србија се одржаа собири наречени „Граѓаните против блокади“.
Во исто време, паралелно се одржуваа контрасобири, а во некои градови, поддржувачите на прогресивците, кои доаѓаа организирани од други места, беа принудени да се откажат од своите говори и од целата протестна програма.
Директорот на српската полиција, Драган Васиљевиќ, изјави дека на 111-те собири „Граѓани против блокадите“, излегле вкупно 126 399 луѓе.
Според него, сите собири поминале без инциденти, но во Шабац и во Чачак имало ненајавени паралелни собири на луѓе што се обиделе да го спречат одржувањето.
Вчера попладне, во многу градови низ Србија, како во Ниш, Шабац, Чачак, Крагуевац и Нови Сад, се одржаа собири на поддржувачи на СНС.
Во Ниш протестот на поддржувачите на СНС беше од едната страна на Нишава, додека граѓаните собрани на контрапротестот беа од другата страна на реката.