Тие од денешниот 21. „Марш за ангелите“ порачаа дека одолговлекување на постапката без оправдана причина е спротивно на законот
Родители и блиски на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани денеска попладне излегоа на 21. „Марш за ангелите“. Повторно побараа одговори од надлежните институции за постапките што се водат против обвинетите за трагедијата во загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Главното прашање што го поставија до судот и Обвинителството беше зошто сè уште не е оценет обвинителниот акт што Обвинителството го поднесе пред речиси три месеци. Тие истовремено, порачаа дека одолговлекување без оправдана причина е спротивно на законот.
Прашањата што ги тиштат во име на блиските на загинатите ги сподели Розета Џамова, чиј брат загина кобниот 16 март.
„Имаме информација дека сè уште не е оценет обвинителниот акт. Како што сме упатени оваа фаза може да трае повеќе месеци, но одолговлекување без оправдана причина е спротивно на законот и претставува основ за реакција од страна на нас оштетените или јавноста. Оценка на обвинителен акт нема строг рок, но должност е да се одлучи во разумен рок, а поминаа речиси три месеци откако е поднесен обвинителниот акт. Приговорите од обвинетите се поднесени и единствено се чека од вас“,
рече Џамова.
Таа побара од судот да им достави информација до каде е постапката за оценка на обвинителниот акт и дали постои одреден рок во кој Советот за оценка треба да постапи, односно да донесе одлука.
Доколку нема рок, таа рече дека судот треба да им каже до кога може да се очекува да заврши оваа постапкал, имајќи го предвид начелото за постапување во разумен рок, според членот 6 од Законот за кривична постапка.
Говорејќи од името на присутните блиски на настраданите, таа упати и прашање до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во врска со истрагата против полициските службеници кои се товарат за тешки дела против општата сигурност.
„Ве молиме да ни доставите информација до каде е постапката со овој обвинителен акт, дали постои определен законски рок за постапување по истиот, на пример три месеци, како што беше претходната постапка, и ако не, во кој рок е реално да се очекува завршување. Зошто досега не е завршена постапка и кога се очекува понатамошно постапување. Бараме одговори“,
рече таа.

Инаку, денешниот „Марш за ангелите“ почна во 17 часот и пет минути, како симболична алузија на задоцнетата реакација на институциите, што доведе до трагедијата во која животите ги загубија голем број млади луѓе.
Маршот почна од градскиот парк во Кочани, а продолжи до општината, седиштето на Управната за јавни приходи , заградата на полицијата и заврши пред зградата на Основниот суд и на Основното јавно обвинителство во градот.

Инаку, на 18 август од Основниот кривичен суд Скопје, кој со одлука на Врховниот суд, ја презеде надлежноста за предметот обвинението за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани сè уште не е оценето од Советот за оцена на обвинителен акт бидејќи, станува збор за обемен предмет за кој и понатаму течат роковите во рамките на оваа постапка.
Тогаш од Судот рекоа дека се поднесени 40 приговори од обвинетите и нивните бранители кои се доставуваат до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје за запознавање со нивната содржина.
Приговорите, како што додадоа, се во фаза на анализа од Советот за оцена на обвинителен акт, по што треба да биде донесена одлука за која странките во постапката и јавноста ќе бидат известени.
Вчера од Основното јавно обвинителство Скопје соопштија дека е поднесен обвинителен акт против сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушн“, што го обезбедувала т.н. кабаре „Пулс“. Тој, како и другите обвинети, се товари за сторени тешки дела против општата сигурност.
Што се однесува до предметот против полициските службеници за кој постапува ОЈО ГОКК тој е сè уште во фаза на истрага и за него не е поднесено обвинение.
Истрагата против 13 полициски службеници беше отворена на 13 јуни.
Според Обвинителството, постои основано сомнение дека осомничените како службени лица во период од 14 до 16 март 2025 година сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност.

За потестување, неполни три месеци од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Јавното обвинителство на 13 јуни соопшти дека е поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица за трагедијата.
Сите обвинети се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
Иако првично бројот на осомничени во истрагата беше поголем и изнесуваше околу 50 лица, за дел од нив постапките се прекинати бидејќи во текот на истрагата не се обезбедени докази за нив.
Меѓу лицата за кои се прекинува постапката се и двајца поранешни министри за економија.
Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата „Класик ДМ“ ДОО Кочани чија подружница бил т.н. кабаре „Пулс“, односно фирмата „МММ Кафе„ ДООЕЛ Кочани. Обвинети за трагедијата се и тројцата ексградоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, еден генерален секретар и двајца министри за економија, службеници на државниот пазарен инспекторат, како и членови на обезбедувањето на клубот, од кои еден, како што беше кажано, немал ниту лиценца за вршење на дејноста.