Во писмената честитка адресирана до претседателката на државата, американскиот претседател го посочува партнерството меѓу САД и С Македонија во изминатите 30 години кое, како што наведува, продолжува да се зајакнува и проширува
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, денеска од претседателот на САД, Доналд Трамп, прими честитка по повод 34-годишнината од Денот на независноста на Македонија – 8 Септември.
Честитката ѝ ја врачи американската амбасадорка Анџела Агелер во претседателската „Вила Билјана“ во Охрид.

„Искрена благодарност до претседателот на САД и американскиот народ за честитките по повод 34-годишнината од Денот на независноста. Пораките на признание, разбирање и поддршка, содржани во честиткатата, којашто ми ја предаде амбасадорката Анџела Агелер, за нас се не само потврда на цврстото американско-македонското пријателство и стратешко партнерство, толку потребни во време на обиди за ставање крај на воените конфликти, справување со меѓународниот криминал и гарантирање траен мир и безбедност, туку и причина за нивно унапредување!“,
пишува Сиљановска-Давкова во објава на Фејсбук.
Во писмената честитка адресирана до Сиљановска-Давкова, американскиот претседател, меѓу другото, го посочува партнерството меѓу САД и С Македонија во изминатите 30 години кое, како што наведува, продолжува да се зајакнува и проширува, со желба за негово унапредување во годината што претстои.
„Ја ценам непоколебливата поддршка на Северна Македонија за нашите напори за постигнување мирно решавање на конфликтот меѓу Русија и Украина. Нашата соработка во борбата против транснационалните закани како што се криминалот и нелегалните наркотици ги нагласува нашите заеднички вредности и заеднички цели“,
се додава во честитката на Трамп и се напоменува дека САД дополнително го поздравуваат придонесот на земјава кон меѓународниот мир и безбедност.
В понеделник во земјава се одбележуваат 34 години од прогласувањето на независноста на Македонија.