Обвинетиот и неговата агенција се товарат дека не презеле мерки за спречување на штетни појави и противправни дејствија, како и дека го вршеле обезбедувањето без писмен договор со т.н. кабаре „Пулс“

Скопското Основно јавно обвинителство денеска поднесе обвинителен акт против уште едно лице за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март годинава, во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Според обвинителскиот тим што работи на предметот, ова лице, како реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушн“, како и другите обвинети, се товари за сторени тешки дела против општата сигурност.
Според Обвинителството, тој заедно со повеќе одговорни и службени лица за кои веќе е поднесен обвинителен акт кој е во фаза на оцена, не постапил според прописите за заштита, што довело до пожарот во кој загинаа 62 лица, додека 157 се здобија со тешки повреди, а 65 со телесни повреди.
Обвинетиот и неговата агенција се товарат дека не презеле мерки за спречување на штетни појави и противправни дејствија, како и дека го вршеле обезбедувањето без писмен договор со т.н. кабаре „Пулс“.
„Последниот обвинет, во временскиот период од септември 2022 година до денот на пожарот, во Скопје и Кочани, како одговорно лице – реален сопственик на обвинетото правно лице Друштво за обезбедување на имот и лица ’Рубикон секјурити солушн’ увоз-извоз ДООЕЛ Скопје, заеднички со веќе обвинетиот управител, раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата за обезбедување“,
се вели во денешното соопштение од Обвинителството.
Оттаму велат дека на критичната вечер тројца вработени со лиценца и еден без, го обезбедувале објектот без да направат безбедносна процена или план за евакуација, односно без да ги проверат влезовите и излезите и нивната исправност, во услови на преполнетост на капацитетот со посетители.
Обвинителството посочува дека поради нестручното обезбедување, во дискотеката бил овозможен влез на малолетници и внесување на пиротехнички средства, кои биле причина за пожарот.
Оттаму велат оти доказите од истрагата покажале дека обвинетиот фактички раководел со агенцијата и давал директни инструкции на обезбедувачите.
По трагедијата во Кочани, тој основал нова фирма за обезбедување во Струмица, што Обвинителството го смета за обид да ја продолжи дејноста затскривајќи се зад друго одговорно лице.
Поради овие ризици, Обвинителството до судот доставил предлог за продолжување на сите мерки за претпазливост, и покрај тоа што претходно мерката притвор му беше заменета со куќен притвор и има дополнителни забрани за напуштање на живеалиштето, за комуникација со одредени лица и одземање на патна исправа.
Инаку, дека истрагата за пожарот во „Пулс“ е проширена, од Обвинителството информираа на 9 јуни годинава кога рекоа дека претходниот ден е уапсен Александар Нацев, сопственикот на агенцијата за обезбедување која била ангажирана за обезбедување на т.н. кабаре.
На предлог на ОЈО Кочани, кочанскиот суд на 10 јуни му определи 30-дневен притвор на Нацев.
Неполни три месеци од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Јавното обвинителство на 13 јуни соопшти дека е поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица за трагедијата.
Сите обвинети се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
Иако првично бројот на осомничени во истрагата беше поголем и изнесуваше околу 50 лица, за дел од нив постапките се прекинати бидејќи во текот на истрагата не се обезбедени докази за нив.
Меѓу лицата за кои се прекинува постапката се и двајца поранешни министри за економија.
Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата „Класик ДМ“ ДОО Кочани чија подружница бил т.н. кабаре „Пулс“, односно фирмата „МММ Кафе„ ДООЕЛ Кочани. Обвинети за трагедијата се и тројцата ексградоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, еден генерален секретар и двајца министри за економија, службеници на државниот пазарен инспекторат, како и членови на обезбедувањето на клубот, од кои еден, како што беше кажано, немал ниту лиценца за вршење на дејноста.