За поранешниот заменик-министер за одбрана, Ризван Сулејмани, објавениот разговор на премиерот Заев со руските комичари е скандал. Вели дека не е добро кога се слуша премиер како разговара за такви деликатни теми, каде што се вмешани и други земји.

„Сигурно дека не е добро политиките на Република С.Македонија да се слушаат на ваков начин. Не е пријатно чувството, бидејќи може да дојде и до проблеми во односите и со сојузниците и со Русија. Многу нешта се пропуштени во тие дипломатски канали. Ќе мора да се преземат безбедносни мерки за да не дојде до вакви ситуации, а и некој да сноси одговорност“,
вели Сулејмани.
Тој потенцира дека ситуацијата не е за потценување.
„Некој треба сериозно да се позанимава со ова. Земја кандидат за членка на НАТО, со ваков безбедносен систем, не е во ред“, .
истакнува Сулејмани.
Универзитетскиот професор Стефан Буџаковски посочува дека пропуст направиле владините служби кои се задолжени за воспоставување комуникација со странски претставници. Тој вели дека е потребно однапред да се утврди безбедноста на разговорот кој премиерот треба да го има со кој било странски претставник.

„Нарушен е протоколот на Владата за комуникација со странски претставници, тие разговори треба да имаат примат на државност. Владината служба тука има системска и стратешка грешка, таа треба да го штити премиерот“,
вели Буџаковски
За Буџаковски најголемата одговорност сноси премиерот Заев.
„Ова е сериозна работа. Преку една шега се анализира и карактерот на личноста со која се зборува. Премиерот од тоа што го чув, самиот влегува во коментари за други земји, зазема страна, се работи за невнимателност. А ова не е случајност, и овие таканаречени пранкери добиваат насоки од служби, претходно е направен психолошки профил, па потоа се поставуваат прашања“,
информира Буџаковски.
Премиерот Заев на денешната прес-конференција рече дека никој нема да сноси одговорност, бидејќи освен непријатност, со разговорите и нивното објавување не е направена никаква штета.