„Ја известуваме јавноста дека од утре официјално ќе имаме средба со претставниците на набљудувачката мисија ОДИХР и од утре почнува нивната работа и официјалното набљудување на изборите“, рече претседателот на ДИК, Борис Кондарко
Четиринаесет набљудувачи на мисијата на ОДИХР од утре и официјално ќе почнат со следење на процесите за локалните избори во земјава закажани за 19 октомври.

Нивните барања за акредитации за набљудување на локалните избори беа едногласно усвои од членовите на Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 133. седница, а како што најави претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, утре ќе ја имаат и првата официјална средба со претставниците на мисијата на ОДИХР.
Со тоа, како што беше наведено, тие и официјално почнуваат со нивната работа.
„Ја известуваме јавноста дека од утре официјално ќе имаме средба со претставниците на набљудувачката мисија ОДИХР и од утре почнува нивната работа и официјалното набљудување на изборите. Тие ќе бидат во постојана комуникација за сите потребни појаснувања од Државната изборна комисија и ќе бидат присутни на сите наши отворени јавни седници. Така што во таа насока ги усвојуваме првите нивни барања за акредитација на набљудувачи“,
рече претседателот на ДИК.
Едното барање, како што посочи тој, се однесува на шест лица, додека другото барање е за осум лица.

Членовите на Државната изборна комисија денеска едногласно ги усвоија и дополнувањата на решението за измена на Регистарот на радиодифузери, печатени и електронски медиуми, интернет-портали за локалните избори.
Во рамките на денешната 133. седница на ДИК беа разгледани и 34 барања за изземање на претседатели, заменик-претседатели и членови на општински избори комисии.
Барањата беа усвоени и на нивно место беа избрани нови претседатели, заменик-претседатели и членови на општинските изборни комисии.