„Од Сиљановска не видовме ниту една конкретна иницијатива, ниту една остварена дипломатска цел, ниту еден став што ги обединува граѓаните. Наместо тоа, цела година ја помина во културни протоколи и одење по концерти, додека државата се соочува со сериозни предизвици“, се вели, меѓу другото, во реакцијата на СДСМ на ставот на претседателката во врска со нивната иницијатива за резолуција за дефинирање на црвените линии на земјава во однос на евроинтеграциите
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, уште еднаш покажа дека не е претседател на сите граѓани, туку гласноговорник на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините дневнополитички ставови. Ова се вели во реакцијата на опозицискиот Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на денешната изјава на претседателката, која прашана за став за најавите на СДСМ, рече оти, според неа, нема потреба од нова декларација за црвените линии на државата за евроинтеграциите.

Според социјалдемократите, Сиљановска-Давкова наместо да покаже државнички пристап и и да ја поддржи иницијативата за национален консензус во клучен момент за евроинтеграциите, таа ја нападна идејата на СДСМ за резолуција со јасно дефинирани државни позиции и црвени линии.
„Претседателот треба да биде фактор на стабилност и обединување, а таа избира да биде продолжена рака на владата и на пропагандата на Христијан Мицкоски. СДСМ ја предлага резолуцијата со цел државата конечно да заземе единствен и јасен став по прашањата поврзани со европските интеграции и преговорите со ЕУ. Таков пристап не само што е легитимен, туку е и неопходен – ако сакаме да ги заштитиме државните интереси и достоинството на граѓаните“,
се вели во реакцијата на СДСМ.
Критикувајќи го ставот на Сиљановска-Давкова, од опозициската партија велат дека претседателот на државата има уставна и политичка обврска да биде фасилитатор на националниот дијалог, а не негов најгласен противник.
„Но, од Сиљановска не видовме ниту една конкретна иницијатива, ниту една остварена дипломатска цел, ниту еден став кој ги обединува граѓаните. Наместо тоа, цела година ја помина во културни протоколи и одење по концерти, додека државата се соочува со сериозни предизвици. СДСМ останува посветен на патот на ЕУ и ќе продолжи да работи за консензус. Но нема да молчи пред деструктивноста на една претседателка која повеќе личи на говорник на митинг, отколку на државник“,
порачуваат од СДСМ.
Отфрлајќи го предлогот за резолуција на опозицијата, Сиљановска-Давкова денеска им порача на сите политички партии да седнат во парламентот и да се договорат како ќе настапуваат надвор од државата.
„По толку бели линии, сега да зборувате за црвени линии е апсурдно. Ние имаме декларација и тоа не само една, туку неколку декларации имаме донесено во Собранието. И не беа почитувани. Дури и референдумски резултат не почитувавме, а камоли црвени линии. Не разбирам што значи црвена линија во овој поглед, особено не ја разбирам аргументацијата дека доколку сепак посегне соседот по вето, ние тогаш ќе ги прекинеме преговорите. Да, ќе ги прекинеме преговорите и тоа му одговара на соседот, ама ќе го смениме Уставот по 37. пат“,
рече таа.

Лидерот на опозицијата Венко Филипче вчера најави дека до крајот на неделата Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) ќе има работна верзија на декларацијата што ќе ги содржи црвените линии за интегративниот процес на земјата, посочувајќи дека политичките чинители треба да седнат заедно на маса и да се формализира тоа како во иднина ќе продолжи процесот на евроинтеграциите.
Според него, Владата бара изговори за да не ги спроведе уставните измени, додека реформските закони и дипломатската активност се во застој.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, на ваквата најава од Филипче рече дека на граѓаните им се потребни јасна политика и борба со аргументи што треба да ја водат сериозни луѓе со јасна визија и стратегија.