Тодоров, кој е економист по професија и граѓански активист, во објавата на Фејсбук во која информира за кандидатурата, вели дека Кочани го гледа не како спомен што избледнува, туку како иднина која, како што додава, мораме заедно да ја изградиме
Општина Кочани доби уште еден независен кандидат за градоначалник. По Венко Крстевски, кој е актуелен вршител на должност на функцијата, вчера своја независна кандидатура за градоначалник на изборите закажани за 19 октомври поднесе и Зоран Тодоров.

Тодоров, кој според МИА се споменувал како можен кандидат за градоначалник на една од двете најголеми партии во земјава, за својата кандидатура како независен информира денеска, преку објава на социјалните мрежи.
„Вчера ја поднесов независната кандидатура за градоначалник на Кочани. Некој би рекол ракавицата е фрлена, но јас би рекол раката кон сите во Кочани е подадена“,
напиша тој.
Во неа, тој вели дека е семеен човек, а по професија економист, кој Кочани го гледа не како спомен што избледнува, туку како иднина која, како што додава, мораме заедно да ја изградиме – чекор по чекор, човек по човек.
„Јас сум човек од дела – не од зборови. Еден од основачите сум на повеќе организации, преку кои со конкретни акции и хуманитарни иницијативи со години сме им помагале на оние на кои најмногу им требало. Верувам во солидарноста – не како празна реченица на плакат, туку како нормална, човечка и граѓанска реакција кога некој страда или кога нешто може да се подобри… Верувам дека овој град има душа, но таа душа бара нов глас. Глас на одговорност, искреност и храброст да се каже: ‘Доста е – време е за поинаку’“,
вели Тодоров во објавата на Фејсбук.
Инаку, Тодоров кој е роден 1978 г. е повеќегодишен граѓански активисти и еден од основачите на неколку организации и здруженија, меѓу кои ротари-клубот „Кочани-Виница“, „Воскресение“ и „Одбор за здрав живот“. Во моментов го раководи Центарот за солидарност ,,Сакам живот во Кочани”, објави државната новинска агенција.
Во Кочани поднесени се и две листи со независни кандидати за членови на идниот совет. Едната од Благица Сабовљевиќ-Стојменова, другата од Аки Акиов, кој е дел од актуелниот Совет на Општина Кочани во заминување.
Претходно, на 28 август, вршителот на должност градоначалник на Општина Кочани, Венко Крстевски објави дека на локалните избори во октомври годинава ќе се кандидира како независен кандидат.
Крстевски беше избран за в.д. градоначалник на Кочани откако тогашниот прв човек на општината, Љупчо Папазов си поднесе оставка од функцијата и заврши во притвор како осомничен за трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“, во кој животот го загубија 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Досега ниту владејачката ВМРО-ДПМНЕ ниту опозицискиот СДСМ не излегоа со свои кандидати за градоначалник на Кочани.
Премиерот Христијан Мицкоски, при неговата неодамнешна посета на Кочани, рече дека сè уште се разгледуваат имињата и оти многу скоро ќе се дознае кои ќе бидат кандидати за општините Кочани, Виница и Чешиново Облешево.
Инаку, ноќеска на полноќ заврши рокот за собирање потписи за независни кандидатури за локалните избори закажани за 19 октомври годинава.
Рокот за поднесување листи за кандидати за градоначалници и за советници за локалните избори е до 13 септември