Под контрола се пожарите на планината Кожуф, во повеќенаменското подрачје „Јасен“ и тој во „Вардариште“

Во моментов во земјава се активни два пожари, додека три се ставени под контрола, соопштија денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во изминатото деноноќие, заклучно со осум часот утрово, на територијата на државата биле регистрирани вкупно 18 пожари на отворен простор, од кои 13 се целосно изгаснати.
Активни пожари има во општините Долнени и Липково.
Во Општина Долнени, во подрачјето на селата Црнилишта и Долгаец, гори нискостеблеста вегетација. Во Липково, пак, во регионот на селото Никуштак гори мешана шума.
Според ЦУК, под контрола се ставени пожарите во општините Гевгелија, Македонски Брод и Гази Баба. Во Гевгелија станува збор за приземен пожар на планината Кожуф, во Македонски Брод сè уште гори опожарена мешана шума во повеќенаменското подрачје „Јасен“, а во Гази Баба пожарот има на запалено ѓубриште во „Вардариште“.
Пожарите што се изгаснати биле на териториите на општините Арачиново, Валандово, Делчево, Илинден, Кавадарци, Куманово, Липково, Радовиш, Свети Николе, Чешиново-Облешево, како и три во подрачјето на Општина Струга.