Во своето обраќање, министерот нагласи дека сегашните глобални кризи ја зголемуваат потребата од европска кохезија и интеграција на Западен Балкан во ЕУ

Во свет на војни, безбедносни закани и економски шокови, Европската Унија и Западен Балкан имаат потреба еден од друг повеќе од кога било досега. Нашата стабилност е европска стабилност. Нашиот напредок е европски напредок, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Оваа изјава, како што велат од Министерството, Муцунски ја дал на работниот појадок со министрите од Западен Балкан и специјалните пратеници за проширување на Европската Унија, кој се одржува во Блед, Словенија. Присуството на Муцунски на настанот е на покана на словенечката министерка за надворешни работи, Тања Фајон.
Во своето обраќање, министерот нагласи дека сегашните глобални кризи ја зголемуваат потребата од европска кохезија и интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Тој ја потврди посветеноста на Северна Македонија на европскиот пат и работата на реформите и имплементацијата на Планот за раст на ЕУ.
Сепак, Муцунски предупредува дека процесот на проширување мора да биде заснован на заслуги и јасни критериуми.
„Проширувањето не смее да биде заложник на билатерални спорови или прашања на идентитет. Ако тоа се дозволи, се ризикува не само застој на една земја, туку и губење на кредибилитетот на целиот процес“,
вели тој.
Министерот, се додава во соопштението, го истакна и значењето на регионалната соработка и ја поздрави улогата на специјалните пратеници на ЕУ оценувајќи дека нивниот ангажман е клучен за одржување на вниманието кон регионот и поттикнување на практични решенија.
„Веруваме во дијалог, веруваме во компромис кога тој е фер и взаемен – и пред сè, веруваме во визијата за обединета, стабилна и просперитетна Европа со Западен Балкан во нејзиното јадро“,
додава Муцунски.