Според Центарот за управување со кризи, во текот на денешниот ден целосно се изгаснати три пожари на територијата на Општина Струга, како и уште осум на подрачјата на општините Радовиш, Кавадарци, Делчево, Чешиново-Облешево, Куманово, Липково, Валандово и Свети Николе
Центарот за управување со кризи (ЦУК) вечерва соопшти дека денеска до 21 часот на територијата на државава се регистрирани вкупно 17 пожари на отворен простор, од кои три се активни, три се под контрола, а 11 се изгаснати.

Како што информираат од ЦУК, сè уште се активни пожарите во општина Илинден, кај селото Ајватовци, каде гори ниска вегетација, во општина Долнени кај селата Црнилиште и Долгаец, каде што е зафатена нискостеблеста вегетација, како и во општина Липково, кај селото Никуштак, каде гори мешана шума.
Од ЦУК известуваат дека пожарите на планината Кожуф, повеќенаменското подрачје „Јасен“ и на дивата депонија кај Вардариште се ставени под контрола.
Поради пожарот што вчера попладне ја зафати депонијата во Вардариште, екипите на Електродистрибуција превентивно го исклучија далноводот што ги снабдува трафостаниците „Аеродром“ и „Исток“, поради што жителите на скопските населби Аеродором и Ново Лисиче повеќе од три часа немаа струја.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување вчера информирајќи за пожарот кај Вардариште рече дека постојат сомневања оти тој е намерно подметнат.
Инаку, според Центарот за управување со кризи, во текот на денешниот ден целосно се изгаснати три пожари на територијата на Општина Струга, како и уште осум на подрачјата на општините Радовиш, Кавадарци, Делчево, Чешиново-Облешево, Куманово, Липково, Валандово и Свети Николе.
На овие места, како што информираат од ЦУК, гореле стрништа, ниска вегетација, депонија и нискостеблеста шума.