Во објавата на неговиот профил на Фејсбук, која е проследена со видеообраќање, Крстевски вели дека изминатите четири месеци, иако биле краток период, сепак направил многу за градот

Вршителот на должност градоначалник на Општина Кочани, Венко Крстевски денеска објави дека на локалните избори во октомври годинава ќе се кандидира како независен кандидат.
Крстевски, кој како в.д. градоначалник беше избран на 14 април годинава, вели дека жителите на Кочани заслужуваат безбеден, чист и модерен град кој, како што вели, ќе се развива со срцето на Европа, но управуван од волјата на сопствените граѓани.
Во објавата на неговиот профил на Фејсбук, која е проследена со видеообраќање, Крстевски вели дека изминатите четири месеци, иако биле краток период, сепак направил многу за градот.
„Но, уште поважно, покажавме дека кога постои волја, постојат и решенија“,
вели Крстевски.
Според него, како резултат на работа, храброст и одлуки е тоа што ова лето не горела депонијата и жителите не дишеле пластика.
„Остварив и значајни дипломатски средби со амбасадори, кои ќе бидат нашите партнери и поддржувачи во обновата на Кочани, град што премногу долго беше занемарен и уништуван. Последиците од тоа ги осетивме сите“,
додава Крстевски.
Тој се осврнува и на најтешките моменти за градот, пожарот во „Пулс“ во кој загинаа 62 лица, велејќи дека во тие моменти бил заедно со граѓаните.
„Не пред камерите, туку пред народот, лице в лице, без страв и без калкулации. Јас не доаѓам да владеам, туку да служам. Ова не е политичка битка. Ова е граѓанска обврска“,
вели тој.
Објавувајќи ја својата независна кандидатура, Крстевски вели дека Кочани може поинаку – достоинствено, европски и човечки.
„Да го вратиме гласот на граѓаните. Да го вратиме достоинството на градот. Да ја вратиме локалната самоуправа на граѓаните“,
вели Крстевски.
За локалните избори што се закажани за 19 октомври ова е прва објавена кандидатура за градоначаник на Кочани.
Ниту владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ниту опозициската СДСМ досега не излегоа со свои кандидати за градоначалник на Кочани.
Премиерот Христијан Мицкоски, при неговата неодамнешна посета на Кочани, рече дека сè уште се разгледуваат имињата и оти многу скоро ќе се дознае кои ќе бидат кандидати за општините Кочани, Виница и Чешиново Облешево.
Инаку, Крстевски беше избран за в.д. градоначалник на Кочани откако тогашниот прв човек на општината, Љупчо Папазов си поднесе оставка од функцијата и заврши во притвор како осомничен за трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“, во кој животот го загубија 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.