Да се ослободат од некои стари времиња за да можат да бидат конструктивна опозиција и заедно да работиме за интересот на граѓаните, рече Мицкоски
Петнаесет месеци откако е избрана оваа влада го слушаме истиот „фолклор“ од СДСМ, без констурктивна дебата, вели премиерот Христијан Мицкоски, прашан за обвинувањата од претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека власта не успеа да обезбеди Бадентерово мнозинство за измени на Изборниот зкаоник пред изборите. Според Мицкоски, законските измени треба да се рутина, наместо мегдан за партиски препукувања. Тој ја обвини опозицијата дека има „други математики“ и порача да се реструктуира по изборите и да стане поконструктивна.
„Локалните избори за нив се загубени и таму ќе претстои еден процес на реструктуирање, внатрешна катарза којашто им ја препорачувам за да се ослободат од некои, би рекол, стари времиња и да можат да бидат конструктивна опозиција и заедно да работиме за интересот на граѓаните“,
рече Мицкоски.
Мицкоски најави дека на 3 септември Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи седница на која ќе бидат познати останатите кандидати за локалните избори што ќе се одржат во октомври.

Во однос на обвинувањата од СДСМ за пад на животниот стандард на граѓаните, Мицкоски порача дека растот на платите откако е ВМРО-ДПМНЕ на власт е двојно зголемен, од периодот кога власта беше предводена од СДСМ.
„Математички, но и било како гледано, 6,5 отсто е речиси двојно повеќе од 3,5 проценти. Селективниот пристап и ваквиот тип на политика на СДСМ донесе резултати во Македонија како што бевме сведоци изминатите седум години катастрофални и унуштувачки. Но она што е поважно и мој совет до раководството на СДСМ е дека тие со ваквиот селективен пристап ја уништија и сопствената партија,“
рече Мицкоски.
Вчера Филипче на прес-конференција обвини дека економската политика на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е најлошата во историјата и дека тоа се чувствува во стандардот на граѓаните. Тој посочи дека СДСМ нема да отстапи од своите предлози за раст на платите во сите сектори, зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра и намалување на цените преку укинување на ДДВ за основните прехранбени производи.