Директорот на ФБИ, Кеш Пател, во објава на социјалната мрежа Икс, напиша дека се работи за злосторство од омраза насочено кон католиците
Полицијата го идентификуваше осомниченото лице за пукањето како Робин Вестман на возраст од 23 години
Американското Федерално истражно биро (ФБИ) соопшти дека го истражува смртоносното пукање во американскиот град Минеаполис, во сојузната држава Минесота, како можен чин на домашен тероризам.

Во нападот на католичкото училиште „Благовештение“, што се случи вчера, на почетокот на мисата по повод почетокот на учебната година, најмалку две деца се убиени, а околу 20 лица се повредени.
Директорот на ФБИ, Кеш Пател, во објава на социјалната мрежа Икс, напиша дека се работи за злосторство од омраза насочено кон католиците.
„ФБИ го истражува пукањето како чин на домашен тероризам и злосторство од омраза насочено кон католиците. ФБИ ќе продолжи да ја информира јавноста за тековната истрага колку што е можно повеќе“,
напиша Пател во објавата.
Полицијата го идентификуваше осомниченото лице за пукањето како Робин Вестман на возраст од 23 години. Раководителката на Одделот за внатрешна безбедност, Кристи Ноем, го потврди тој идентитет нарекувајќи го лицето „пореметен монструм“.
„Ова ниво на насилство е незамисливо. Нашите најдлабоки молитви се со децата, родителите, семејствата, едукаторите и христијаните насекаде. Тагуваме со нив, се молиме за исцелување и никогаш нема да ги заборавиме“,
изјави Ноем.
Телевизијата Еј-би-си њуз објави информации од возачката довола на осомниченото лице, каде што е опишано како жена родена на 17 јуни 2002 година.
Телевизијата објави дека барање за промена на име на малолетник роден на истиот датум било одобрено од окружниот суд во Минесота во 2020 година, за да се смени име – од Роберт Вестман во Робин Вестман, со објаснување дека малолетното дете „се идентификува како жена и сака неговото име да ја одразува таа идентификација“.
Како што објавуваат американските медиуми, мајката на осомничениот за пукањето работела во црквата до 2021 година, кога се пензионирала.
Инаку, осумгодишно и десетгодишно дете вчера беа застрелани и убиени кога вооружениот напаѓач пукаше низ прозорците на црква во католичкото училиште „Благовештение“, соопшти полицијата.
Во нападот се повредени најмалку 20 други лица, меѓу кои и деца. Според полицијата, вооружениот човек, кој си го одзел животот на паркингот пред училиштето, дејствувал сам.
Напаѓачот бил вооружен со три вида оружје, отворил оган низ прозорците кон децата и другите верници за време на мисата. Полицијата ова го нарече чин на насилство што е целосно неразбирлив.