„Неговото искуство со европските институции ќе му помогне на Чаир да има корист од европските фондови и можности за подобра инфраструктура, подобар образовен систем, повеќе работни места и подобри услуги“, рече поранешниот висок претставник на ЕУ во видеообраќањето наменето за поддршка на Османи
Поранешниот висок претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и експотпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, денеска упати силна порака со поддршка за поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, како кандидат за иден градоначалник на скопската општина Чаир од „Националната алијанса за интеграција“.

Борел во видеопораката зборува за успесите што Османи ги имал како министер за надворешни работи и претседавач со најголемата организација за безбедност и соработка ОБСЕ, но и за очекувањата што ги има од него како иден градоначалник на Чаир.
Обраќањето на Борел, во форма на видео, го објави Османи на својот фејсбук-профил, заблагодарувајќи му се на искрените зборови.
На почетокот од видеото Борел им се обраќа на граѓаните на Чаир посочувајќи дека изминатите години професионално соработувал со Османи и имал можност да го запознае одблизу и него и неговиот начин на размислување.
„Драги жители на Чаир, големо задоволство за мене е да зборувам за човек со кој со години соработував. Зборувам за Бујар Османи. Како министер за надворешни работи на Северна Македонија и претседавач на ОБСЕ, тој покажа лидерство, визија и длабока посветеност кон дијалогот и соработката“,
рече тој.
Особено е импресиониран од способноста на Османи да слуша, да гради мостови и да наоѓа решенија, квалитети кои, според Борел, се клучни не само во дипломатијата, туку и во локалното управување.
„Знам колку тој силно верува во спроведувањето на ветувањата на Европа на локално ниво. Неговото искуство со европските институции ќе му помогне на Чаир да има корист од европските фондови и можности за подобра инфраструктура, подобар образовен систем, повеќе работни места и подобри услуги“,
кажа тој.
Борел нагласи дека Европа го познава Османи како лидер што носи резултати, односно што ги реализира ветувањата.
„Верувам дека жителите на Чаир ќе го препознаат како градоначалник што слуша, обединува и носи напредок за секој граѓанин“,
вели Борел.
Ги истакна неговите очекувања за Османи како иден градоначалник на Општина Чаир и оти верува дека лидерските способности како министер за надворешни работи ќе ги покаже и на локално ниво за своите сограѓани.
„Драг Бујар, го подигна гласот на својот народ на меѓународната сцена. Сега си подготвен истата таа посветеност да ја донесеш дома, низ улиците и маалата на Чаир“,
рече Борел.
На крајот од обраќањето рече дека оваа порака ја испраќа од градот Сандандер од северот на Шпанија, посакувајќи му успех на Османи во оваа важна мисија.
Османи на 21 јули ја објави својата кандидатура за градоначалник на скопската општина Чаир, посочувајќи дека одлуката не ја донел поради функцијата, туку поради одговорност кон сопствениот дом, но и затоа што жителите на Чаир не заслужуваат да живеат во супстандардни и небезбедни услови.
„Се работи за моите соседи, за нас, за иднината на нашите деца. Го прифаќам предизвикот, зашто сакам онака како што јас пораснав во Чаир, тука да растат и моите деца и нивните другарчиња“,
напиша тој на Фејсбук.