Со ова достигнување, Поп Ацев им се придружи на легендарните македонски пливачи Нико Нестор, Атина Бојаџи, Томи Стефановски и Игор Димовски

Пливачот Евгениј Поп Ацев влезе во историјата како петтиот Македонец што го преплива каналот Ла Манш, еден од најтешките пливачки предизвици во светот.
Тој исплива за 9 часа и 43 минути, а успехот беше поздравен и од Асоцијацијата за пливање преку каналот Ла Манш, која му оддаде признание за извонредното постигнување.
„Огромни честитки до Евгениј Поп Ацев од Македонија, кој денес го заврши своето пливање во Каналот за неверојатно време. Евгениј е трикратен светски шампион и е примен во Меѓународната сала на славните за маратонско пливање. Има учествувано на 107 натпревари од светска класа во кариерата што траеше од 2007 до 2021 година. Неверојатно пливање, Евгениј, и благодарност до целиот екипаж на бродот“,
се вели во честитката на Асоцијацијата.
Ла Манш се простира на 33км помеѓу Англија и Франција.
Со ова достигнување, Поп Ацев им се придружи на легендарните македонски пливачи Нико Нестор, Атина Бојаџи, Томи Стефановски и Игор Димовски, кои во различни периоди успеале да ја совладаат истата предизвикувачка маршрута.
Нестор го направи тоа во 1959 година, Бојаџи во 1969, Стефановски во 2009, а Димовски во 2010 година.
Пливањето низ Ла Манш се смета за еден од најголемите спортски подвизи во светот, а Македонија со ова добива уште еден врвен успех на светската мапа на маратонското пливање.