Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, рече и оти се планира мерките што се во процес на подготовка да бидат објавени за една до две недели
Она што се случува на пазарот на недвижности во Македонија ги става младите брачни парови и самците во многу незавидна позиција, бидејќи цените се премногу високи од аспект на заработка и затоа овие лица не можат да го решат станбеното прашање, рече денеска гувернерот на Народна банка, Трајко Славески.

Тој вели дека како дел од мерките што се предвидува да бидат објавени наскоро се поповолни услови за кредитирање за лицата кои сакаат да купат стан за живеење и кои првпат аплицираат за кредит, во однос на оние што купуваат стан за друга намена. Мерките, вели, се очекува да бидат објавени наскоро, за една до две недели.
„Релативно готови сме со мерките со коишто ќе ги олесниме условите за оние кои по првпат купуваат стан за живеење, а значително ќе ги затегнеме критериумите со соработка со банките за купување на стан инвестиција кој нема да служи за живеење“,
рече Славески.
Славески вели оти Народната банка не сака ваквиот негативен тренд да продолжи и оти тие имаат инструменти со кои ќе го постигнат тоа. Тој вели оти се во контакт со банките и дека нивните предлози се добиени, а од нив дел се прифатени. Кога станува збор за евентуалното враќање на данокот од пет на осумнаесет проценти, тој рече дека тоа не би било во колизија со овие мерки и оти ќе има приспособување.
„Лицата кои позајмуваат пари од банките за објекти во кои живеат се со многу помал ризик од аспект на сервисирање на кредитот односно ако сте го ставиле под хипотека живеалиштето едноставно ќе настојувате да се вклопите во рамки на своите доходи за да не се доведете во ситуација да доцните со кредитот и не дај Боже да мора да го отстапите станот доколку не може да го плаќате кредитот“,
рече гувернерот на НБРМ.
Гувернерот упати апел да се проверуваат и изјавите кои ги потпишуваат кредитобарателите, бидејќи од 73 отсто од становите кои се купени на кредит е наведено дека се наменети за живеење, но тоа никој не го проверува. Никој не проверува ниту пак дали е променета адресата на живеење, иако во многу држави во светот банките ги следат кредитобарателите дали го промениле живеалиштето и доколку се утврди дека е дадена лажна изјава дека ќе живеат во станот којшто го купувате на кредит, тоа се смета за тешка измама.