Димал Баша успеа да ги добие потребните гласови благодарение на гласовите на некои од пратениците на Демократската партија на Косово, Алијансата за иднината на Косово и некои од малцинствата. Додека Демократската лига на Косово и Српската листа гласаа против
Денеска се очекува да бидат избрани и потпретседателите на собранието. Со нивниот избор, собранието се смета за конституирано и се отвора патот за формирање влада. Пратениците избрани на изборите на 9 февруари гласаа за претседател на собранието вкупно 58 пати

Седум месеци по завршувањето на парламентарни избори во Косово и по неколку обиди за избирање претседател и потпретседатели на косовското собрание, денеска со 73 гласа „за“, пратеникот на Самоопределување, Димал Баша, стана претседател на законодавниот дом на Косово.
Пред Баша да биде избран за претседател на собранието, партијата на Курти ги предложи министрите на претходниот состав на владата – Албулена Хаџиу, Хекуран Мурати, Доника Грвала и Арберие Нагавци, но ниту еден од нив не ги доби потребните гласови бидејќи опозициските партии беа децидни дека нема да гласат за ниту еден кандидат што бил дел од владата на Курти.
Димал Баша успеа да ги добие потребните гласови благодарение на гласовите на некои од пратениците на Демократската партија на Косово, Алијансата за иднината на Косово и некои од малцинствата. Додека Демократската лига на Косово и Српската листа гласаа против.
Новоизбраниот претседател Баша им се заблагодари на пратениците за довербата и повика на соработка и обединување.
„Се чувствувам почестен поради вашиот глас и поддршка, а во исто време ја чувствувам одговорноста што ми е дадена. Оваа институција е срцето на нашата демократија, местото каде што се претставени гласовите на сите наши граѓани. Нашата република беше изградена врз жртви, нашата слобода и нашата држава се поголеми од кој било личен интерес. Повеќето од нас се разликуваат по партија, но граѓаните очекуваат да бидеме обединети во нашите цели како што се економскиот развој, зајакнувањето на владеењето на правото и, пред сè, заштитата на територијалниот интегритет“,
рече Баша.
Денеска се очекува да бидат избрани и потпретседателите на собранието. Со нивниот избор, собранието се смета за конституирано и се отвора патот за формирање влада.
Пратениците избрани на изборите на 9 февруари гласаа за претседател на собранието вкупно 58 пати. Конститутивната седница почна на 15 април, а на изборите кои се одржа на 9 февруари партијата на актуелниот премиер на Косово, Албин Курти, Движењето самоопределување, освои 48 пратенички места, на второ место се најде Демократската партија на Косово со 24, Демократска лига на Косово е трета со 20, по што следуваат Српската листа, најголемата српска партија во Косово, со девет и коалицијата меѓу Алијансата за иднината на Косово и Социјалдемократската иницијатива со осум. Вкупно 11 пратеници имаат малцинствата.