Професорот Марковски е поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“, а неговата промоција се очекува да биде направена во текот на утрешниот ден
Деканот на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, проф. д-р Горан Марковски, ќе биде еден од кандидатите за градоначалник на Град Скопје на претстојните локални избори кои треба да се одржат наесен.

Тој влегува во трката како независен кандидат со поддршка од граѓанската платформа „Независни заедно“. Оттаму велат дека неговата промоција ќе се одржи утре, а во дописот испратен до медиумите се вели дека професорот Марковски е истакнат интелектуалец и борец за безбедно и убаво Скопје.
„Заедно да му дадеме шанса на градот, шанса да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот“,
велат од „Независни заедно“.
Прес-конференцијата, на која е наведено дека професорот Марковски ќе ја претстави својата мотивација за влез во трката за градоначалничкото столче, како и визијата на дејствување и новиот пристап кон локалната власт, е закажана утре наутро во 9:30 часот, кај Камениот мост, пред споменикот на Гемиџиите. Неговата кандидатура, се наведува, е поддржана од граѓанската платформа „Независни заедно“, во чиј состав се „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“.
Платформата претходно ја поддржа и кандидатурата на поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска, која како независен кандидат ќе се натпреварува во трката за градоначалничката функција во Општина Центар.
Досега кандидати за градоначалник на Скопје објавија владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нивниот коалициски партнер во Владата, ВЛЕН, како и опозициските СДСМ, „Европски фронт“ и Левица.
Орце Ѓорѓиевски, Башким Бакиу, Каја Шукова, Скендер Реџепи-Зејд и Амар Мециновиќ се кандидатите со кои професорот Горан Марковски влегува во трка за градоначалник на Скопје.