Според него, единствениот начин да се принуди Путин да ја прекине инвазијата на Украина е преку притисок на неговите сојузници кои, како што рекол на прес-конференција во Хелсинки, повеќе се на исток отколку на запад
Финскиот претседател Александар Стуб се надева дека трпението на неговиот американски колега Доналд Трамп кон шефот на Кремљ, Владимир Путин, наскоро ќе попушти во однос на напорите за постигнување дипломатско решение за војната во Украина.

Ваквите коментари, како што пренесува „Гардијан“, повикувајќи се на финскиот национален радиодифузер „Јле“ (Yle), Стуб ги изнел говорејќи на прес-конференција пред состанокот со амбасадорите на земјата во Хелсинки, на која рекол дека Финска и другите европски земји ќе сторат сè што можат за да постигнат траен мир во Украина.
Говорејќи во таа насока, тој кажал дека единствениот начин да се принуди Путин да ја прекине инвазијата на Украина е преку притисок на неговите сојузници.
„Единствените кои можат да го убедат Путин да склучи мир се повеќе на исток отколку на запад“,
рекол финскиот претседател.
Според изјавите што ги објавил весникот „Илта-Саномат“ (Ilta-Sanomat), Стуб додал дека тековните дискусии се фокусираат на обемот на безбедносните гаранции што ќе ѝ бидат понудени на Украина.
Дополнително, финскиот претседател изјавил дека за време на средбата во Белата куќа, минатиот понеделник (18 август), го предупредил Трамп дека Путин применува типична руска тактика на одложување за да избегне средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Инаку, американскиот претседател Доналд Трамп вчера предупреди дека може да има последици доколку не се случи средбата меѓу лидерите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски. Сепак, тој не беше прецизен и остана нејасно кој би се соочил со овие последици доколку дипломатските напори не успеат да ги седнат двајцата претседатели на преговарачка маса.
Во меѓувреме, и покрај многубројните шпекулации минатата недела за тоа која би била можната локација за средбата меѓу Путин и Зеленски, развојот на настаните во меѓувреме сè повеќе одат во насока дека тоа нема да се случи наскоро и дали воопшто ќе има таков состанок бидејќи руските напади врз Украина и понатаму продолжуваат.
Причината за одбивањето на Путин да се сретне со Зеленски, американскиот претседател ја лоцира во омразата меѓу двајцата лидери.
Имено, прашан зошто Путин не сака да се сретне со Зеленски, тој кажа: „Затоа што не го сака“.
Трамп вчера откри и дека повторно разговарал со Путин по средбата со Зеленски и европските лидери минатата недела во Белата куќа.
Прашан како поминале разговорите, Трамп рече дека разговорите биле добри, но она што го лути е тоа што после тоа стигнува информација за руски воздушни напади врз Украина.
„Секој разговор што го имам со него (Путин) е добар разговор. А потоа, за жал, бомба ќе експлодира во Киев или некаде, и многу се лутам поради тоа“,
рече американскиот претседател.

Американскиот државен секретар Марко Рубио синоќа имаше средба со своите европски колеги, на која тема беа потенцијалните безбедносни гаранции за Украина, доколку се одржи средбата меѓу Путин и Зеленски и доколку двајцата лидери некако успеат да најдат начин да се договорат за ставање крај на војната.
Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, го пофали американското лидерство по ова прашање, но „повтори дека безбедносните гаранции мора да бидат конкретни, правно обврзувачки и ефикасни.
Неговиот полски колега Радослав Сикорски, пак, предупредува дека Кремљ не ги напуштил своите максималистички цели од почетокот на војната и инсистира дека единствениот начин да се натера Москва да седне на преговарачка маса е преку понатамошен политички, економски и воен притисок врз нејзините интереси.