Под контрола се пожарите во повеќенаменското подрачје „Јасен“ каде што гори мешана шума и тој на планината Кожуф во Општина Гевгелија каде што е зафатена висока шума

Од вкупно 23 пожари на отворен простор што се регистрирани во изминатото деноноќие, еден сè уште е активен, а два се под контрола, информираат денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Сè уште активен, според ЦУК, е пожарот во селото Долгаец во Општина Долнени каде што гори мешана шума.
Пожарот во повеќенаменското подрачје „Јасен“, кој гори повеќе од десетина дена, е ставен под контрола.
Исто така, според ЦУК, под контрола е и пожарот на планината Кожуф во Општина Гевгелија каде што гори висока шума.
Според информациите од ЦУК, во изминатото деноноќие изгаснати се 20 пожари во општините Штип, Дебар, Куманово, Теарце, Гостивар, Крушево, Долнени, Кривогаштани, Охрид, Битола, Свети Николе, Кочани, Врапчиште, Струга, Василево, Чучер Сандево, Липоково и во Гази Баба. Во најголем дел од овие пожари гореле ниска вегетација, стрништа, депонии и сува трева.