Според синдикатот, со одбивањето да се зголеми минималната плата, Владата, работодавачите и Парламентот директно ги оштетуваат овие работници и нивните семејства

Според податоците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), во мај годинава дури 73,3 отсто од работниците примиле плата под просечната, додека само 26,7 проценти имале плата над просекот.
„Во Македонија во мај евидентирани се 509 960 работници со пресметана и уплатена нето плата од кои 374 045 работници или 73,3 отсто од работниците примиле плата под просечната плата, а 135 915 работници или 26,7 отсто од работниците примиле плата над просечната“,
велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Од ССМ сметаат дека е загрижувачки фактот што 169 082 работници, односно една третина, примаат плата помала од 30 000 денари (под 500 евра).
Според синдикатот, со одбивањето да се зголеми минималната плата, Владата, работодавачите и Парламентот директно ги оштетуваат овие работници и нивните семејства. ССМ нагласува дека овие семејства не можат да ги обезбедат ниту основните услови за живот, дури и со две минимални плати.
Синдикатот тврди дека „малцинството владее со мнозинството“, посочувајќи дека оние со примања над просекот (функционерите, политичарите, работодавачите и експертите) се против зголемувањето на минималната плата.
„Функционер со 150 000 денари плата или 2 500 евра плата му кажува на работник со 24 397 денари или 400 евра плата како нема да му ја зголеми платата и како добро се живее, веројатно за да не аздиса многу работникот“,
додаваат од ССМ.
ССМ бара итно зголемување на минималната плата на 500 евра и покачување на сите останати плати за 6 000 денари, со цел да се амортизираат зголемените трошоци за живот.
Синдикалните пресметки покажуваат дека вредноста на минималната потрошувачка кошничка во јули изнесувала 65 328 денари, што е за 630 денари повеќе од јуни.
Во август, пак, споредено со јули, вредноста на синдикалната кошничка пораснала за речиси три евра или 179 денари.
Од Владата остануваат на ставот дека решението за минималната плата треба да се најде преку дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет. Тие нагласуваат дека само со конструктивен разговор може да се донесе решение кое ќе биде прифатливо и почитувано.