Според генсекот на владејачката партија, тимот експерти кои ќе ги пишуваат изборните програмите на нивните кандидати ќе ги разгледа и идеите и предлозите што ќе дојдат од граѓаните за време на седумдневната теренска кампања, која ќе почне в среда
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ в среда ќе почне со теренска кампања за собирање на идеи и предлози за проекти од граѓаните кои, како што рече денеска на прес-конференција генералниот секретар на партија, Ѓорѓија Сајковски, ќе бидат вклучени во програмите на кандидатите за градоначалници од оваа партија.

Акцијата, која е насловена „Предложи! Вистинската идеја за вашата општина!“, ќе се спроведува една недела, односно ќе трае до следната средба (3 септември), а граѓаните своите предлози ќе можат да ги дадат со пополнување на формулар на штандовите, што ќе бидат поставените на плоштадите во сите општини или по електронски пат.
„Со цел добивање на јасна слика за потребите и предизвиците со кои граѓаните се соочуваат, ВМРО-ДПМНЕ отпочнува седумдневна теренска кампања за собирање за идеи и предлози за проекти, кои ќе бидат опфатени во програмите на кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Од 27 август до 3 септември во временски период од 17 до 21 часот, во сите општини низ државата, на плоштадите или прометните локации во истите ќе бидат поставени штандови дел од акцијата ‘Предложи! Вистинската идеја за вашата општина!’ каде граѓаните на посебен формулар за оваа акција ќе можат да напишат своја идеја која сакаат да ја видат реализирана како проект од идните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Сајковски.
Во истиот временски интервал, како што додаде тој, ќе бидат отворени и сите штабови низ државата каде што членовите на партијата и граѓаните исто така ќе може да ја дадат својата идеја или предлог за проект.
Освен преку пополнување формулар, како што информира генсекот на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните предлозите и идеите ќе можат да ги доставуваат и по електронски пат на имејл [email protected].
Инаку, како што кажа Сајкоски, ВМРО-ДПМНЕ е во период на пишување на програмите за кандидатите за градоначалници низ државата и на нив, како што посочи, работат, односно се ангажирани експерти, професори, истакнати личности од речиси сите струки, како и политичари со долгогодишно искуство.
„Овие експерти ќе имаат за задача да ги преточат потребите на граѓаните во конкретни проекти, со финансиска рамка и рок на реализација“,
кажа тој.
Според Сајкоски, тимот експерти кои ќе ги пишуваат програмите ќе ги разгледа и идеите и предлозите што ќе дојдат од граѓаните за време на седумдневната теренска кампања.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш го слуша народот. Идеите и предлозите на нашите сограѓани се наша обврска да бидат преточени во проекти во програмите, а потоа и да бидат реализирани од позиција на власт“,
рече Сајкоски.
Тој на крајот од денешната прес-конференција рече оти како партија очекуваат масовен одзив на граѓаните со цел, како што додаде, да се подготват подетални и програми богати со проекти кои извираат директно од нив нивните потреби.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ досега излезе со кандидати за градоначалници за повеќе општини и за Градот Скопје, каде се градоначалничкото столче ќе се бори актуелниот градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Партијата дополнително треба да ги објави кандидатите за уште неколку општини, за што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски неодамна изјави дека во тек се анализи и дека скоро ќе излезат со нивните имиња.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши локалните избори ги распиша на 9 август, а првиот круг од гласањето за градоначалници ќе се одржи на 19 октомври, кога ќе се гласа и за советничките листи. Втор круг за градоначалници ќе има на 2 ноември.
Според роковите што ги утврди Државната изборна комисија, изборната кампања за првиот круг почнува на 29 септември и ќе трае непрекинато до 17 октомври, додека кампањата за вториот изборен круг ќе трае до 31 октомври.
Крајниот рок до кога ќе може да се поднесат листите на кандидати на учесници на изборите до општинските изборни комисии е 13 септември. Ждрепката за редните броеви на гласачко ливче ДИК ќе ја организира најдоцна до 25 септември, а најдоцна до 27 септември партиите ќе го потпишат Кодексот за фер и демократски избори.