„Со стари политики процесите не напредуваат, а со судири не се гради иднината. Оваа влада не е влада на граѓаните, туку на ‘српскиот свет’, со јасна ориентација кон оската Белград–Москва. Секоја нејзина одлука го загрозува евроатлантскиот пат што Албанците и Македонците го избраа со апсолутно мнозинство“, се во денешната реакција од ДУИ на ставовите и критиките што ги упати Мицкоски од трибината на ВМРО-ДПМНЕ одржана викендов
Опозициската Демократската унија за интеграција (ДУИ) и денеска реагира на изјавите и ставовите што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски ги изнесе на партискиот настан викендов под слоганот „Четири години работа за тебе“.

Говорејќи на него, премиерот упати серија критики и обвинувања кон ДУИ во врска со последните случувања на политичката сцена кои, пак, од друга страна, од партијата на Али Ахмети во денешната реакција ги оценија како клевети и, како што велат од Мала Речица, повеќе зборуваат за неговата мака отколку за ДУИ.
Оттаму велат дека наместо да даде отчет за слабите резултати на Владата во секоја област, од економијата до меѓународната изолација, премиерот се занимава со празни напади кон ДУИ.
„Наместо да измислува имагинарни непријатели, Мицкоски треба да објасни: зошто неговата влада ги крши Уставот и законите, зошто ги дискриминира Албанците, зошто ја исклучи дијаспората од официјалните пресметки спротивно на уставните и законските норми, зошто ги инструментализира ДИК, Уставниот суд и другите институции за партиски и моноетнички цели и зошто со секоја одлука ја враќа државата назад во времето пред 2001 година“,
се вели во соопштението на ДУИ.
Од опозициската партија велат дека не можат да останат рамнодушни кога се крши Охридскиот рамковен договор, документ кој, како што велат оттаму, е од суштински значење за стабилноста и прогресивната иднина на државата.
Според ДУИ, обидот на Мицкоски да создаде „политички кнежевства“ меѓу Албанците, преку распарчување на политичката сцена со мали контролирани партии, е пропаднат проект чија цел е слабеење на албанското политичко претставување.
„Мицкоски, претставувајќи се како патриот и бранител на македонската кауза, всушност му штети на сопствениот народ. Ударот врз Охридскиот договор не ја унапредува државата, туку ја осиромашува и ја загрозува нејзината европска перспектива“,
велат од ДУИ.
Одговарајќи на критиките на премиерот, од опозициската партија велат дека нив не ги интересира дали се дел од власта или не, туку нивната цел е да ја извадат државата од ќор-сокакот во кој се наоѓа и да ја придвижат напред.
„Со стари политики процесите не напредуваат, а со судири не се гради иднината. Оваа влада не е влада на граѓаните, туку на ‘српскиот свет’, со јасна ориентација кон оската Белград–Москва. Секоја нејзина одлука го загрозува евроатлантскиот пат кој Албанците и Македонците го избраа со апсолутно мнозинство“,
велат од ДУИ.

Во врска со обвинувањата за криминал и корупција, од ДУИ велат дека нивниот одговор е едноставен и ѝ порачуваат на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ да го прифати нивниот предлог за целосен ветинг.
„Не ги штитете олигарсите и не ја блокирајте чистката на политиката од криминал. Не ги бранете корумпираните политичари, без разлика кој се. Нека има истрага за потеклото на имотот на секој политичар и секоја политичка партија. Нека има истрага за процесот на приватизација. Нека има истрага за активностите на безбедносните служби и за сите функционери од 1945 година наваму – од ОЗНА, УДБА, СДБ, ДБК, УБК, АНБ. Ова е предлогот на ДУИ, прифатете го. ДУИ е и ќе остане гаранција за стабилноста, достоинственото претставување и европската иднина на државата. Мицкоски треба да знае: клеветите не ги покриваат неуспесите, ниту погрешната насока на оваа влада. Одговорот на граѓаните ќе дојде во октомври – и тој ќе биде јасен“,
порачуваат од опозициската партија.
Премиерот Мицкоски од трибината на ВМРО-ДПМНЕ што се одржа во саботата и неделата, меѓу другото, рече дека, според него, погрешна е тезата на ДУИ дека ако тие не се во Владата, тоа значи етничка поларизација во државата, отфрлајќи ги нивните пораки како неконструктивни.
„Пораки коишто припаѓаат на минатиот век, на раните 1990-ти години и навистина жалам што нереформираното, криминално и коруптивно ДУИ сè уште живее во тие години, и се уште мисли дека со таков тип на пораки ќе придобие симпатии во јавноста, мислејќи дека ако се радикализира, на тој начин ќе добијат симпатии“,
рече Мицкоски.

Тој, исто така, уште еднаш ја повтори тезата дека улогата на ДУИ во Владата се поистоветува со криминал, неработа, неспособност и корупција.
Инаку, овие изјави на премиерот беа и негов одговор на обраќањето на потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, кој обвини дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, со полн интензитет ја спроведува политиката која треба да ги отстрани Албанците од општествените текови, враќајќи ги на нивните периферни позиции од пред Рамковниот договор.
Повод за обраќањето на Османи, меѓу другото, беа и сугестиите кои дојдоа од министерот за правда Игор Филков во интервју за неделникот „Фокус“ за ревидирање на Бадентеровото мнозинство што предизвика остри реакции од ДУИ.
Мицкоски од трибината, исто така, наведе и дека опозициските СДСМ и ДУИ имаат смислено таен план и координирано сценарио за сеење на хаос, политичка магла и манипулации чија цел е уривање на изборниот процес.
Ваквите тврдења на Мицкоски ги отфрлија и од ДУИ и од СДСМ.